Македонија за првпат е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации, ЕКОСОК, едно од водечките тела на светската организација. Земјата доби поддршка од 174 гласа и ќе членува во Советот во периодот од 2027 до 2029 година.
Изборот беше соопштен по гласањето во Обединетите нации во Њујорк, а државниот врв го оцени како значаен успех за македонската дипломатија и меѓународното позиционирање на земјата.
ЕКОСОК е едно од шесте главни тела на ОН и има важна улога во координацијата на економските, социјалните, развојните, хуманитарните и одржливите политики во рамки на системот на Обединетите нации.
Со членството во Советот, Македонија ќе има можност да учествува во дискусии и процеси поврзани со одржлив развој, социјална правда, економска соработка, човекови права, родова еднаквост, образование, здравство и други глобални прашања.
Изборот доаѓа по период во кој земјата беше избрана и за членка на Советот за човекови права на ОН за периодот 2025–2027, како и во Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје.