Македонија добива нов автопат: летово почнува изградбата на Скопје-Блаце

Проектот предвидува пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 објекти на трасата што треба да го поврзе Скопје со Блаце и Косово.

Конзорциумот предводен од македонската градежна компанија „Гранит“ ќе го гради автопатот Скопје-Блаце, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Постапката за избор на изведувач е завршена во соработка меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој. За проектот во Истанбул разговарале вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на канцеларијата на ЕБОР, Фатих Туркменоглу.

Според најавите, изградбата треба да почне летово, а рокот за завршување е три и пол години.

Станува збор за комплексен инфраструктурен проект кој треба да обезбеди автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно кон Косово. Трасата е значајна и за регионалното поврзување, бидејќи преку Косово се отвора и врска кон Црна Гора.

На автопатот се предвидени пет тунели, две галерии и 12 мостови, како и повеќе помали објекти. Според најавите од Министерството, вкупно на трасата ќе има околу 40 објекти.

Автопатот Скопје-Блаце со години се најавува како еден од важните патни правци за поврзување на земјата со регионот. Претходно проектот се соочуваше со пролонгирања, препроектирања и проблеми на терен.

Со новиот избор на изведувач, проектот влегува во нова фаза, а реализацијата ќе зависи од динамиката на градежните работи, теренските услови и институционалната координација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс