Македонец меѓу данската научна елита: Петар Поповски избран за член на Кралската академија на науките

Големо признание за македонската наука: професорот Петар Поповски од Универзитетот во Олборг стана член на престижната Кралска данска академија на науките и книжевноста.

Македонскиот научник и професор на Универзитетот во Олборг, Петар Поповски, е избран за член на престижната Кралска данска академија на науките и книжевноста – едно од најзначајните научни признанија во Данска.

Веста ја објави самиот Поповски на социјалните мрежи, истакнувајќи дека членството во Академијата претставува голема чест и одговорност.

„Привилегиран сум што станав член на Кралската данска академија на науките и книжевноста, чијшто некогашен претседател е еден од моите херои, Нилс Бор. Би сакал да им се заблагодарам на научниците кои ја поддржаа мојата номинација и со нетрпение очекувам да придонесам за активностите на Академијата преку призмата на теоријата на комуникацијата и технологијата“, напиша Поповски.

Кралската данска академија годинава прими 30 нови членови, кои ќе бидат дел од нејзините активности насочени кон унапредување на науката и истражувањата во корист на општеството. Од Академијата посочуваат дека новите членови ги следат стапките на истакнати научници како Нилс Бор и Ханс Кристијан Орстед.

Поповски е роден во Охрид во 1973 година. Дипломирал и магистрирал на Електротехничкиот факултет во Скопје, а докторирал на Универзитетот во Олборг во областа на безжичните комуникации. Денес е еден од најреномираните светски експерти во областа на комуникациските технологии и безжичните мрежи.

Тој е визитинг-професор на Универзитетот во Бремен, главен уредник на престижното научно списание IEEE Journal of Selected Areas in Communications и претседател на IEEE Communication Theory Technical Committee. Активно е вклучен и во развојот на идните 6Г технологии преку научни и индустриски проекти во Скандинавија и Европа.

Во својата кариера има објавено повеќе од 300 научни трудови и е носител на над 30 патенти и патентни апликации, што го вбројува меѓу најуспешните македонски научници на меѓународната сцена.

Неговата сопруга, Искра Дуковска-Поповска, исто така гради успешна академска кариера во Данска како вонреден професор на Универзитетот во Олборг, каде што работи во областа на одржливиот развој, циркуларната економија и управувањето со синџирите на снабдување.

Изборот на Поповски во Кралската данска академија претставува уште едно значајно меѓународно признание за македонската наука и доказ дека домашните научници успешно се натпреваруваат и придонесуваат во светските истражувачки центри.


е-Трн да боцка во твојот инбокс