Македонец во Хрватска обвинет дека измамил шест лица за повеќе од 41.000 евра

Осомничениот, претставувајќи се како посредник за осигурување, наводно убедувал жртви да уплатат пари за наводни трошоци по сообраќајни несреќи. Хрватската полиција поднесе кривична пријава, а истрагата покажала дека штетата надминува 41.000 евра.

Хрватската полиција поднесе кривична пријава против 43 годишен државјанин на Македонија, осомничен дека со лажни приказни за сообраќајни несреќи измамил шест лица и незаконски стекнал повеќе од 41.000 евра.

Според информациите од истрагата, осомничениот во периодот од ноември 2024 до февруари 2025 година телефонски контактирал граѓани од Загреб и околината, претставувајќи се како посредник од осигурителна компанија или лице што работи на решавање на последиците од сообраќајни незгоди.

Тој им тврдел дека нивни блиски предизвикале тешка сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за наводни трошоци, адвокати или оштета, убедувајќи ги жртвите да предадат големи суми готовина.

Измамените лица, верувајќи дека им помагаат на своите роднини, ги предавале парите на однапред договорени локации.

Полициската истрага утврдила дека на овој начин шест лица биле оштетени за вкупно повеќе од 41.000 евра.

Против осомничениот е поднесена кривична пријава за измама, а случајот е доставен до надлежното државно обвинителство во Хрватска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс