Тројца државјани на Македонија се осомничени во Хрватска за оштетување туѓ имот, откако во областа Цавтат биле облепени сообраќајни знаци, информативни табли и јавна опрема.
Според информациите што ги објави хрватската полиција, случајот бил пријавен минатата недела, по што полициски службеници од граничната полициска станица Груда извршиле проверки на терен.
Полицијата утврдила дека на повеќе јавни површини биле залепени налепници со кирилична содржина. Со нив биле облепени сообраќајни знаци, насочувачки табли, корпи за отпад и информативни паноа, поради што, како што наведуваат хрватските власти, тие ја изгубиле својата намена и препознатливост.
Двајца од осомничените биле пронајдени кратко по добивањето на пријавата, додека третиот бил лоциран следниот ден, на 30 мај, на аеродром.
Станува збор за мажи на возраст од 23, 25 и 26 години. Според хрватската полиција, сите тројца имаат регулиран престој во Хрватска.
По приведувањето, тие биле донесени во полициски простории, каде била спроведена криминалистичка истрага. Против нив е поднесена кривична пријава поради сомнение за оштетување туѓ имот, по што биле предадени на притворската единица на Полициската управа дубровничко-неретванска.
Засега нема дополнителни информации за мотивот, ниту за евентуалната висина на причинетата штета.