Маѓар: Бевме на милиметар од целосно гаснење на нуклеарката „Пакш“

Сериозен дефект во унгарската нуклеарна централа за малку ќе предизвикаше енергетски колапс, додека надлежните се обидуваат да ги намалат тензиите во јавноста.
Фото: kormany.hu

Унгарскиот премиер Петер Маѓар предупреди дека земјата се соочила со драматична ситуација во нуклеарната централа „Пакш“, каде што ненадеен технички дефект за малку ќе доведел до целосно гаснење на сите четири реактори. Според неговите изјави, системите за ладење и заштита се наоѓале на самиот раб на дефектот, што претставува еден од најсериозните инциденти во објектот во изминатите неколку децении.

Според податоците што ги изнесе премиерот, неисправноста се појавила за време на планирани техники зафати за одржување, но брзо прераснала во неконтролирана критична ситуација. Проблемот настанал во секундарниот систем за напојување, што довело до автоматско намалување на капацитетот на реакторите и ризик од нивно целосно исклучување од електричната мрежа.

Доколку дојдеше до целосно гаснење на системот, унгарската енергетска мрежа ќе изгубеше повеќе од 40 проценти од сопственото производство на струја. Тоа ќе значеше инстантни рестрикции, огромни увозни трошоци за енергија и потенцијален прекин на снабдувањето во поголемите индустриски центри низ земјата.

Инфраструктурата на нуклеарната централа „Пакш“ веќе подолго време е предмет на дебати поради нејзината старост и зависноста од странски делови и гориво. Овој инцидент дополнително ги подгреа дискусиите околу роковите за нејзина модернизација и заштитните механизми што треба да спречат слично сценарио во иднина.

Иако од централата соопштија дека не постоела директна радиоактивна опасност за населението, властите најавија итна длабинска истрага за да се утврди дали станува збор за човечка грешка или за системски отказ на опремата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс