Магијата на заедницата се враќа: Јубилејниот „Маалски фестивал 5.0“ со тридневна летна програма за сите генерации во Скопје

Од 11 до 13 јуни, КСП Центар – Јадро и Паркот на Франкофонија ќе пулсираат во ритамот на уметноста, социјалните акции, филмот, уникатниот базар и големиот концерт на бендот „Искра“.

Главниот град се подготвува за незаборавно јубилејно патување низ креативноста и маалската дружба, благодарение на петтото издание на „Маалски фестивал 5.0“ кое ќе се одржи од 11 до 13 јуни 2026 година во просториите на КСП Центар – Јадро и на отворено во Паркот на Франкофонија.

Како што соопштуваат организаторите, оваа година топлиот летни бран носи спој на добро познати маалски програми, но и целосно нови содржини наменети за колективно обликување на културата, меѓугенерациска размена и солидарност.

Креативниот старт на програмата е поставен на 10 и 11 јуни со работилницата за пишување „Маалска архива“ под водство на Марија Бошковска, каде во Паркот на Франкофонија ќе се собираат комшиски муабети и приказни за невидливите градски истории.

Активностите продолжуваат во петок на 12 јуни со хуманитарната „Работилница за изработка за све и свашта во маало“ со Никола Писарев, која продолжува и во сабота, а во чии рамки соседите заеднички ќе дизајнираат и осликуваат куќички за уличните кучиња.

Истиот ден, Доротеј Нешовски и Ана Трајковска преку графичка лабораторија на отворено за родители и деца ќе ја откриваат „Тајната ботаничка градина на нашето маало“, додека во вечерните часови во КСП Центар – Јадро ќе биде отворена инклузивната фото-изложба „Пркосните 12“ во организација на ПРКОС и под менторство на Драги Неделчевски, која ќе остане поставена до 19 јуни.

Посетителите на фестивалот ќе имаат ексклузивна можност да го видат и новиот уметнички проект во јавен простор „Маалски МУРАЛ“ на познатиот автор Дејвид Стоилковски, кој досега има реализирано над 80 мурали во земјава и странство.

Сабота, 13 јуни, е дефиниран како главен фестивалски ден кога од пладне па сè до доцна навечер Паркот на Франкофонија ќе понуди вистински маалски базар на артизани и мал саем на книги, надополнет со уникатната уметничка инсталација од ленени ткаенини „Впивачки тела“ на уметницата Зорица Зафировска.

За филмските професионалци и актери ќе се одржи корисната работилница за кастинг процеси со Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, додека Владимир Лукаш и Љубиша Камењаров ќе ги претворат секојдневните предмети во музика преку работилницата и концертот на необичниот оркестар „Чуднозвучни инструменти“.

Програмата дополнително ќе ја збогати изложбата „Архив на траги“ на Аммар Качар во Монтажната галерија, каде посетителите ќе бидат поканети и на колективно везење, по што во вечерните часови, во соработка со Македокс, ќе биде прикажан документарниот филм „Планината не оди никаде“ на режисерката Петра Селишкар.

Големото јубилејно славење ќе биде крунисано во 22:00 часот со концертниот настап на култниот скопски футуристички бенд „Искра“, кој со своето специфично аудио-визуелно искуство ќе стави цреша на шлагот на ова тридневно фестивалско маалско доживување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс