Одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) усвои резолуција со која од Иран се бара целосна и итна соработка со агенцијата, доставување целосни информации за резервите на збогатен ураниум и овозможување пристап на инспекторите до нуклеарните постројки во земјата. Резолуцијата беше усвоена во седиштето на МААЕ во Виена со поддршка од 21 од вкупно 35 членки на Одборот. Против гласаа Русија, Кина и Нигер, додека десет земји беа воздржани.
Документот беше предложен од Франција, Обединетото Кралство, Германија и Соединетите Американски Држави и нагласува дека пристапот до нуклеарните локации и доставувањето информации се „итни и неопходни“ за агенцијата да може да потврди дека нуклеарниот материјал не се пренасочува за воени цели. Одлуката доаѓа во период на зголемени тензии на Блискиот Исток, откако САД извршија воздушни напади врз ирански цели, а Техеран возврати со напади кон земји во регионот.
Според МААЕ, Иран досега не им дозволил на инспекторите пристап до нуклеарните објекти погодени во нападите во 2025 година, иако според Договорот за неширење на нуклеарно оружје има обврска да соработува со агенцијата.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што агенцијата не може да ја потврди состојбата на иранските резерви на високо збогатен ураниум. Според последните податоци, Иран располага со 440,9 килограми ураниум збогатен до 60 проценти чистота, што е само еден технички чекор до нивото потребно за производство на нуклеарно оружје.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, неодамна предупреди дека таа количина би можела теоретски да биде доволна за производство на до десет нуклеарни бомби доколку Иран одлучи да го милитаризира својот нуклеарен програм. Сепак, тој нагласи дека тоа не значи дека Техеран поседува нуклеарно оружје. Иран категорично ги отфрла обвинувањата и тврди дека неговата нуклеарна програма има исклучиво мирољубиви цели.
Резолуцијата истовремено изразува жалење поради, како што се наведува, неуспехот на Иран да ги исполни своите обврски во рамките на меѓународниот режим за неширење на нуклеарно оружје. МААЕ уште во јуни минатата година официјално утврди дека Иран не е во согласност со договорените безбедносни механизми, првпат по две децении.
Иако резолуцијата не предвидува веднаш случајот да биде упатен до Советот за безбедност на Обединетите нации, таа остава можност за дополнителни мерки доколку Иран не ја промени својата позиција и не овозможи целосна инспекција на нуклеарните активности.