Во Општина Лозово денес се одржа регионален настан кој на едно место ги спои традиционалните занаети и европските образовни можности. Настанот беше организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Општина Лозово и Здружението на жени од Лозово, во соработка со здруженија од Велес, Свети Николе и Градско.

На регионалниот базар учествуваа изложувачи од неколку општини од регионот, а посетителите имаа можност да видат рачно изработени везови, традиционални ракотворби и локални гастрономски производи. Настанот привлече и гости од Штип, дополнително збогатувајќи ја регионалната размена.

Програмата беше поделена на два дела – работна сесија и регионален базар. Во работниот сегмент, претставници на Националната агенција одржаа обука посветена на можностите што ги нуди програмата Еразмус+, со фокус на тоа како занаетчиите и здруженијата можат да ги развиваат своите вештини и да учествуваат во европски проекти.
Претставени беа и примери на добра пракса од ДСУ „Искра“ од Штип и здружението „Тера Фитон Анимал“, кои покажаа како локалните иницијативи можат успешно да се поврзат со европските образовни програми и да придонесат за развој на заедницата.
Градоначалникот на Лозово, Бошко Цветковски, истакна дека ваквите настани ја зајакнуваат врската меѓу традицијата и современите европски процеси, создавајќи можности за локалните занаетчии и граѓански организации.
Директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, нагласи дека целта е европските програми да станат подостапни за сите, од ученици до искусни занаетчии, и дека регионалната соработка е клучна за успешна имплементација на Еразмус+ проектите.
Настанот во Лозово беше оценет како успешна платформа за вмрежување, едукација и промоција на локалното творештво во европски контекст.