На 16 април во Скопје Еко-свест ја организираше Националната конференција за природа која ги собра на едно место локалните заедници, одржливите бизниси и експерти за да одговорат на главното прашање- Дали во Македонија е можно истовремено да се постигне економски развој и заштита на животната средина?
Во своето поздравно обраќање директорката на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска, истакна дека овој настан е одговор на барањето на учесниците на минатогодишната Меѓународна конференција за природа: „Увидовме дека има потреба на едно место да им дадеме можност на локалните заедници отворено да говорат за своите напори да ја заштитат средината во која живеат од девастацијата причинета од инфраструктурниот развој. Воедно, сметавме дека е многу важно да се споделат и позитивни примери и да се поврзат заедниците меѓу себе, за да можат да учат едни од други како да развијат локална економија во функција на заштитата на природата.“
На настанот се обрати и Министерот за животна средина и просторно планирање, г-н Мухамед Хоџа, кој истакна дека е важно граѓаните да се вклучат во создавањето на новиот Закон за природа. „Новиот Закон за природа овој месец ќе биде поставен на ЕНЕР и Ве повикувам да коментирате и давате предлози, да учествувате во јавните дискусии бидејќи Вашиот придонес е значаен- Вие ја познавате природата на терен и ги унапредувате вредностите кои законот треба да ги заштити“, изјави министерот Хоџа.
Низ три панел дискусии, присутните можеа да ги разменат своите искуства и да научат едни од други за нивната борба и да се поврзат, за во иднина да се развијат нови соработки и поддршки помеѓу заедниците. Меѓу говорниците беа докажани борци за животната средина и претставници на локалните заедници кои делуваат против уништувањето на природата од инфраструктурни проекти.
Локалните граѓански иницијативи кои се создадени и водени од граѓани кои самостојно сакаат да ја заштитат животната средина беа дефинирани како рецепт за успех, но, тие стравуваат дека инфраструктурните проекти кои ја уништуваат природата се моментално паузирани, а не стопирани засекогаш. Таков е примерот со бројните мали хидроцентрали планирани во недопрената природа, каде овие заедници живеат и од која зависат.
Меѓу панелистите се најдоа и експерти од областа кои ги дадоа своите препораки и ја истакнаа потребата од долгорочна визија за одржлив локален развој, интензивна меѓусекторска соработка, како и вклучување на локалните заедници во носењето на одлуките на сите нивоа.
На крајот од конференцијата беше промовирана и интерактивна видео игра која е дизајнирана од „Изгради“ во соработка со Еко-свест со цел да им овозможи на локалните жители да ги истражат можностите за локален развој кој ја поддржува заштитата на природата.
Еко-свест и на овој настан даде простор на Еко-културата. За време на конференцијата, посетителите можеа да ја погледнат и изложбата на цијанотипски фотографии, кои претставуваат автентичен визуелен запис на природните убавини на Демир Капија, а беа изработени од ученици во рамки на работилница на фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“, поддржана од Еко-свест.