Лидл Северна Македонија продолжува со кампањата за вработување „Добра игра. Фер плеј“, насочена кон нови позиции во логистичкиот центар во Куманово и во идните маркети низ државата. Компанијата испраќа порака дека македонскиот пазар останува еден од нејзините долгорочни стратешки приоритети, со фокус на инвестиции, отворање работни места и соработка со домашната економија.
Од компанијата велат дека кампањата има цел да ги доближи можностите што Lidl ги нуди како работодавач, преку принципи на фер однос, транспарентност, професионалност и почит кон вработените. Според нив, идејата е да се изгради стабилна работна средина во која секој има можност за развој и долгорочна сигурност.
Во моментов, Лидл Северна Македонија обезбедува работни места за повеќе од 400 вработени, а за сите нови членови на тимот е предвиден структуриран процес на обука што трае од шест до осум недели. Компанијата наведува дека работната култура се темели на вредности како доверба, тимска работа, високи професионални стандарди и меѓусебна поддршка.
Како дел од една од најголемите европски малопродажни компании, Lidl посочува дека своето работење во Македонија го реализира согласно локалните закони и институционални процедури, во партнерство со државните и локалните институции. Од компанијата нагласуваат дека целиот инвестициски процес е реализиран транспарентно и во согласност со сите пропишани регулативи.
Од почетокот на своето присуство во земјава, Lidl инвестирал повеќе од 200 милиони евра во развој на современа логистичка и малопродажна инфраструктура. Логистичкиот центар во Куманово, според компанијата, е најголем Lidl логистички центар на Балканот и ќе има клучна улога во снабдувањето на идните маркети низ државата со свежи производи и современи логистички решенија.
Покрај инвестициите и вработувањата, компанијата ја потенцира и соработката со домашните производители. Во текот на 2025 година, извозот на македонски производи преку мрежата на Lidl достигнал 15,5 милиони евра, што претставува значителен раст во однос на претходните години. Според компанијата, ова отвора можности за македонските производители да ги пласираат своите производи и на европските пазари, да го зголемат производството и да ги унапредат своите стандарди.
Од Лидл најавуваат дека ќе продолжат со отворање нови маркети низ земјата, како и со активности насочени кон поддршка на домашната економија, развој на локалните добавувачи и обезбедување квалитетни производи по пристапни цени за потрошувачите во Северна Македонија.