Сателитските комуникации во ниската Земјина орбита (LEO) станаа подеднакво важни како тенковите, артилеријата и беспилотните летала на современото бојно поле. Војната во Украина за првпат покажа дека контролата врз комуникациската инфраструктура во вселената може да биде пресудна за успехот на воените операции, но и за функционирањето на една држава во услови на конфликт.
Руската инвазија врз Украина не го промени само начинот на водење на копнените операции, туку отвори и нова димензија на војувањето – борбата за контрола на комуникациите во вселената.
Системите во ниската Земјина орбита (LEO – Low Earth Orbit), особено сателитската мрежа Starlink, покажаа дека интернет-поврзувањето може да стане клучен воен ресурс, слично како оружјето, логистиката и разузнавањето.
Starlink пристигна во Украина за помалку од 48 часа
Приказната започна само два дена по почетокот на руската инвазија, кога тогашниот украински министер за дигитална трансформација Михаило Федоров преку социјалните мрежи побара помош од Илон Маск и неговата компанија за обезбедување Starlink терминали.
Одговорот стигна брзо, првите уреди беа испорачани во Украина за помалку од 48 часа. Тоа беше почеток на една од најзначајните технолошки приказни поврзани со војната. Starlink овозможи украинските воени сили, државните институции и цивилниот сектор да останат поврзани дури и во области каде што класичната комуникациска инфраструктура беше уништена.
Сателитска алтернатива кога копнените мрежи беа уништени
Во првите денови од инвазијата, руските сили применија стратегија насочена кон уништување на комуникациските системи – оптичките мрежи, мобилните базни станици и енергетската инфраструктура. Целта беше прекин на комуникацијата меѓу воените единици, институциите и населението.
Но, за разлика од претходните конфликти, Украина брзо најде алтернатива. Сателитските системи во ниска орбита овозможија пристап до интернет независно од состојбата на копнената инфраструктура. Така, дури и во региони каде што мобилните и оптичките мрежи беа целосно уништени, комуникацијата продолжи.
Од застарени мобилни мрежи до воена дигитална инфраструктура
Пред почетокот на војната, Украина немаше сопствена LEO сателитска констелација. Комуникацијата на фронтот во голема мера зависеше од постарите 2G и 3G мобилни мрежи. Доаѓањето на Starlink целосно ја промени ситуацијата.
Денес во Украина функционираат околу 200.000 Starlink терминали, кои не се користат само за интернет-пристап, туку претставуваат важен дел од воената и цивилната комуникациска инфраструктура.
Како сателитите го менуваат начинот на војување?
LEO сателитските мрежи овозможуваат: командување и координација на воените единици, управување со операции на беспилотни летала ,пренос на разузнавачки информации во реално време, комуникација меѓу спасувачките служби и болниците и функционирање на локалната администрација и критичната инфраструктура.
Особено важна е улогата кај дроновите, каде што малото доцнење на сигналот кај LEO системите овозможува побрзо донесување одлуки и поголема ефикасност на бојното поле.
Дигиталниот суверенитет станува ново геополитичко прашање
Иако Starlink се покажа како клучен фактор за украинската одбрана, неговата улога отвори и ново прашање, колку државите можат да зависат од приватни компании за критична инфраструктура. Војната во Украина покажа дека идните конфликти нема да се водат само на земја, море и воздух, туку и во вселената.
Контролата врз сателитските комуникации, податоците и дигиталните мрежи може да стане еден од најважните фактори за националната безбедност во 21 век. LEO сателитите повеќе не се само технологија за интернет – тие стануваат стратешко оружје и основа на новата ера на дигитално војување.