Во изминатите три дена, ЈП „Лајка“ го реализираше „Лајка Фест – Повеќе од настан“, иницијатива што ги обедини институциите, стручната јавност, организациите и граѓаните околу едно од најдолготрајните прашања во Скопје: бездомните кучиња и потребата од хумани, системски и долгорочни решенија.
Фестивалот започна со панел-дискусија во Собранието на Град Скопје, на која учествуваа претставници од Факултетот за ветеринарна медицина, Агенцијата за храна и ветеринарство, ЗЕЛС, невладини организации, прифатилишта од земјава, како и гости и експерти од Загреб, Сараево и Шпанија.
Во фокусот на дискусијата беа реалната состојба на терен, предизвиците со кои се соочуваат институциите и можните решенија базирани на европски искуства. Се разговараше за одговорноста на институциите, потребата од координирано делување, улогата на општините, важноста на стерилизацијата и одговорното сопствеништво, но и за неопходноста од постојана едукација на јавноста.
Една од главните пораки беше дека проблемот со бездомните кучиња не започнува на улица. Тој најчесто започнува со неодговорно сопствеништво, напуштање миленици, неконтролирано размножување и недоволна примена на системски мерки.
Наредните два дена, Градскиот парк стана простор за дружење, едукација, вдомување и позитивна интеракција меѓу граѓаните и животните. Преку забавно-едукативниот дел од фестивалот, темата беше доближена до јавноста на поотворен, попристапен и поинтерактивен начин.
Во рамки на „Лајка Фест“ учествуваа повеќе од 50 пријавени учесници во натпреварите и активностите, голем број посетители, повеќе од 20 спонзори и партнери, како и претставници на невладини организации кои ја поддржаа иницијативата.
Посетителите имаа можност да ги запознаат кучињата од ЈП „Лајка“, да разговараат со вработените, ветеринарите и дресерите, да учествуваат во едукативни содржини за деца и возрасни и да бидат дел од изложби, игри и активности посветени на вдомените миленици и одговорното сопствеништво.
Особено значајно беше присуството на семејства, деца и сопственици на миленици, што покажа дека сè повеќе граѓани сакаат да бидат дел од создавање похумано и поодговорно општество.
„Лајка Фест“ не беше само настан за љубители на животни, туку обид да се отвори поинаков разговор за бездомните кучиња. Разговор во кој решението не се бара во насилство, страв и поделби, туку во одговорност, едукација, институционална соработка и долгорочна промена.
Од ЈП „Лајка“ упатија благодарност до институциите, организациите, експертите, спонзорите, волонтерите, посетителите и граѓаните кои беа дел од фестивалот и помогнаа да се испрати порака дека промените се можни кога постои заедничка волја за похумано општество.