Промоција на „Кула крај море“ од Влада Урошевиќ во „Метаноја“

Дванаесеттата поетска збирка на Влада Урошевиќ, во издание на „Антолог“, ќе ја промовира академик Иван Џепароски.

Во среда, 6 мај, од 19 часот, во литературното кафе „Метаноја“ ќе се одржи промоција на „Кула крај море“, дванаесеттата збирка поезија на академик Влада Урошевиќ. Промотор на книгата ќе биде академик Иван Џепароски.

„Кула крај море“ е објавена во издание на „Антолог“, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Дизајнот на корицата е на Марко Трпески, а графичкото обликување на изданието неодамна доби награда од Македонската асоцијација на издавачи.

Новата збирка се опишува како едно од најзрелите и најмистично градени поетски дела на Урошевиќ, во кое се преплетуваат неговите препознатливи теми: митот, сонот, симболот, метафизиката, морето и огледалото на зборот. Книгата е поставена како серија визии, во кои секоја песна функционира како дел од поголем алегориски мозаик, а кулата станува место на созерцание, чекање и создавање.

Во рецензијата кон книгата, проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска ја истакнува препознатливата Урошевиќевска потрага по чудото, по „тајната што се објаснува само со друга тајна“, како една од трајните линии во неговата поетика. Таа посочува дека ретко кој поет со толкава ерудиција и љубопитство, од магија и митологија до астрологија, алхемија, археологија и историја на цивилизациите, успева одново да восхити и да изненади.

Влада Урошевиќ, роден во 1934 година во Скопје, е еден од најзначајните македонски поети, прозни автори, есеисти, критичари, антологичари и преведувачи. Редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите и член на повеќе странски академии. Покрај поетските збирки, објавил романи, раскази, есеи, критики, записи и патописи, а составил и повеќе антологии.

Во неговиот опус се вбројуваат збирките „Еден друг град“, „Невиделица“, „Летен дожд“, „Ѕвездена терезија“, „Нуркачко ѕвоно“, „Сонувачот и празнината“, „Хипнополис“, „Ризиците на занаетот“, „Мане, Текел, Фарес“, „Тајно злато“, „Безразборна лабораторија“ и најновата „Кула крај море“.

Урошевиќ е трикратен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, а во 2023 година ја доби и наградата „Златен венец“ на СВП, како трет македонски поет кому му е доделено ова високо меѓународно признание. Истата година ја освои и наградата „Роман на годината“, по што Македонската асоцијација на издавачи го прогласи за „Автор на годината“.

За својот книжевен и преведувачки опус, Урошевиќ е одликуван и од Владата на Република Франција со ордените „Витез на редот на уметноста и литературата“ и „Офицер на редот на уметноста и литературата“. Носител е и на државното признание „Свети Климент Охридски“ и на признанието „13 Ноември“ на Град Скопје.

Поезијата на Влада Урошевиќ е преведена и објавена на повеќе јазици, меѓу кои англиски, бугарски, италијански, руски, словенечки, српски, француски и шпански. Покрај книжевноста, тој се занимава и со визуелна уметност, а во МАНУ имал изложби на дигитални колажи, меѓу кои „Laterna magica“ и „Барокна подморница“, реализирана заедно со Марко Трпески.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни