Кубанскиот претседател Мигел Диас-Канел во обвини администрацијата на Доналд Трамп за „геноцидна политика” врз Куба, тврдејќи дека Вашингтон сака да ја стави земјата под контрола. Од јануари САД спроведуваат политика на максимален притисок врз островот, вклучувајќи нафтена блокада и санкции против кубански компании и функционери, покрај ембаргото на сила од 1962 година.
Куба, оддалечена околу 150 километри од брегот на Флорида, е под американско ембарго од 1962 година. Од јануари 2026 година, администрацијата на Трамп додаде нафтена блокада и долг список санкции против кубански компании и функционери. Резултатот е драстичен пад на туризмот, заминување на странски компании и пресушување на приливот на девизи.
Најновите санкции, објавени во четврток, се насочени кон програмата за кубански медицински мисии во странство, еден од главните извори на приходи на земјата.
Диас-Канел зборуваше на прославата на 73-годишнината од нападот на воената база Монкада во 1953 година, настан кој го предводеше Фидел Кастро (1926-2016) и се смета за почеток на револуционерната борба. Претседателот, родум од западната провинција Пинар дел Рио, рече дека Куба денес води „историска битка” против политика насочена кон „гушење на целиот народ” со цел преземање контрола над земјата.
„Блокадата е орудие на војна и предизвикува смрт,” рече Диас-Канел. Според него, Вашингтон настојува да поттикне „општествена експлозија” во Куба, но и во други земји, со единствена цел да наметне власт усогласена со американските империјалистички интереси.
Островот со 9,4 милиони жители се соочува со енергетска криза која во главниот град предизвикува исклучувања на струјата и до 30 часа, а во провинциите снабдувањето со електрична енергија изостанува со денови. Кризата ги слабее социјалните услуги и поттикнува незадоволство. Само во јули земјата помина низ три подолги периоди без струја.
Демонстрации редовно се одржуваат во главниот град, најчесто навечер. Жителите удираат по тенџериња и палат отпад за да изразат бес поради постојаните прекини на струја и вода, како и поради недостиг на храна.
Диас-Канел повика на „единство” и спроведување економски и општествени трансформации, најавени средината на јуни во рамки на програма од 176 точки која предвидува значително поместување кон пазарна економија.
Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Куба претставува „посебна закана” за националната безбедност на САД и повеќепати се закани дека ќе ја „преземе контролата” над островот.