Русија се соочува со сериозни проблеми во снабдувањето со гориво, откако нападите врз нафтените рафинерии дополнително го нарушија пазарот.
Во повеќе региони возачите чекаат со часови, а некаде и со денови за да наполнат бензин. Некои граѓани минуваат низ цели градови во потрага по пумпа што работи, преспиваат во автомобилите и влегуваат во конфликти поради долгите редици.
Нападите врз рафинериите ја продлабочија кризата
Во последните месеци Украина ги засили нападите со дронови врз руските нафтени капацитети. На 6 јули беше нападната рафинеријата во Омск, на околу 2.500 километри од украинската граница. Со тоа, според извештаите, биле погодени сите десет најголеми руски рафинерии, од Ленинградската област до Сибир.
Последиците најмногу ги чувствуваат граѓаните во регионите каде што има ограничени резерви и проблеми со дистрибуцијата.
Редици до 36 часа и препродажба на бензин
Најтешка е состојбата во Чита, во регионот Забајкалје, каде што возачи чекале и до 36 часа пред бензинските пумпи. Некои останале без гориво додека чекале, па морале да ги туркаат своите автомобили. На социјалните мрежи се појавија тврдења дека поединци продавале места во редиците за околу 35.000 рубљи (околу 400 евра).
Жители на Геленџик раскажуваат дека со денови безуспешно се обидуваат да наточат бензин.
„Тоа е буквално борба за опстанок“, изјавила една жителка.
Русите ги менуваат навиките
Поради недостигот, дел од граѓаните почнале да користат јавен превоз, да се здружуваат за заеднички патувања или да бараат алтернативи. Таксистите, пак, сè почесто одбиваат подолги релации, а цените на превозот растат.
Во некои рурални области се зголемила и побарувачката за коњи за земјоделски работи и транспорт, додека продажбата на велосипеди значително пораснала.
Властите негираат системски недостиг
Федералните власти тврдат дека во Русија нема вистинска криза со гориво, туку дека проблемите се резултат на панично купување и шпекулации. Вицепремиерот Александар Новак изјави дека гориво има доволно и дека проблемот е во логистиката.
„Гориво има доволно, потребно е само да се реорганизира логистиката“, порача Новак.
Регионалните власти, исто така, ги обвинуваат трговците дека создаваат паника.
Пад на довербата во Путин
Проблемите со горивото влијаат и врз расположението на граѓаните.
Според истражувањето на Фондацијата за јавно мислење (ФОМ), довербата во рускиот претседател Владимир Путин паднала од 74 на 69 проценти во период од една недела – најниско ниво од почетокот на војната во Украина. Граѓаните сè повеќе се загрижени за економската состојба, растот на цените и трошоците за живот.
Сепак, падот на довербата во власта не значи автоматски и пад на поддршката за воената политика. Според други анкети, дел од граѓаните и понатаму ја поддржуваат воената операција, додека мнозинството смета дека треба да започнат мировни преговори.
Кризата со гориво претставува нов економски предизвик за Кремљ, кој досега настојуваше да покаже дека санкциите и воените трошоци немаат сериозно влијание врз секојдневниот живот во Русија.