Кристина Кох и детскиот сон за Артемис II

Од девојче што сонувало за ѕвездите до астронаутка избрана за мисијата Артемис II, Кох денес е едно од најпрепознатливите имиња во модерната вселенска ера.
Foto: NASA

Тоа што за многумина е детски сон, за Кристина Кох стана реалност. Американската астронаутка, која уште од мала покажувала интерес за науката и истражувањето, денес е дел од новата генерација што ја носи човечката присутност подалеку од Земјата.

Родена на 29 јануари 1979 година во САД, Кох студирала електротехника и физика – комбинација што подоцна ќе ѝ овозможи да стане дел од НАСА. Но нејзиниот пат кон вселената не бил само академски. Пред да стигне до НАСА, Кох поминала неколку месеци во изолација во Антарктикот и работела во екстремни услови, што подоцна се покажало како клучна подготовка за животот во вселената.

Светската јавност ја запозна за време на нејзината мисија на Меѓународната вселенска станица, каде помина 328 дена – најдолг поединечен престој во вселената за жена во тој период. За тоа време учествуваше во десетици научни експерименти што им помогнаа на истражувачите подобро да разберат како вселената влијае врз човечкото тело.

Еден од најзначајните моменти во нејзината кариера беше историскиот вселенски излез заедно со астронаутката Џесика Меир – првиот целосно женски вселенски чекор во историјата. Тој настан беше повеќе од техничко достигнување, туку симболичен чекор напред во улогата на жените во вселенските мисии.

Денес, Кох беше дел од мисијата Артемис II. За неа, ова не е само нов професионален предизвик, туку продолжение на еден сон што започнал уште во детството.

Нејзината приказна е пример како љубопитноста, упорноста и вербата во сопствените цели можат да доведат до нешто што изгледа недостижно. За многу млади луѓе, особено девојки, Кристина Кох денес не е само астронаутка, туку доказ дека сонот за вселената може да стане реалност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни