Претседателката на Европска централна банка, Кристин Лагард, навести дека банката би можела да размисли за зголемување на каматните стапки веќе во јуни. Во моментов, ЕЦБ ги задржа трите клучни каматни стапки на исто ниво – референтната стапка на депозити изнесува 2 проценти, каматата на главните операции за рефинансирање е 2,15 проценти, додека каматата на маргиналната кредитна линија е 2,4 проценти. Одлуката е донесена со образложение дека економските податоци сè уште не даваат доволно цврсти аргументи за заострување на монетарната политика.
Сепак, Лагард посочи дека во Советот на гувернери се водела детална дискусија и за можноста за идно зголемување на каматите, што остава отворена врата за промени веќе во наредните месеци.