Поразот од Шпанија со 1:2 во четвртфиналето на Светското првенство 2026 најверојатно го означи крајот на една од најталентираните генерации во историјата на белгискиот фудбал. Четворицата преостанати столбови на таканаречената „златна генерација“ на Црвените ѓаволи – Тибо Куртоа (34), Ромелу Лукаку (33), Кевин де Брујне (35) и Аксел Витсел (37) – најверојатно го одиграа својот последен Мундијал.
Овие фудбалери беа дел од репрезентацијата уште од Светското првенство во Бразил во 2014 година, кога Белгија започна ерата во која се искачи меѓу најдобрите светски селекции. Но, последната шанса за освојување на најголемиот трофеј заврши несреќно со грешка на еден од помладите наследници.
Тажен крај за старата гарда
Куртоа, кој поради повреда беше заменет во второто полувреме, немоќно гледаше како 24-годишниот Сен Ламенс не успева да ја задржи топката по ударот во 88. минута. Микел Мерино ја искористи ситуацијата и ја испрати топката во мрежата за победа на Шпанија. За белгиските ветерани тоа беше болен начин да се затвори едно големо репрезентативно поглавје.
Генерацијата која во 2014 година го започна настапот на Светското првенство со победа над Алжир од 2:1, тогаш изгледаше како тим создаден за големи успеси.
Во составот беа:
- Тибо Куртоа;
- Кевин де Брујне;
- Ромелу Лукаку;
- Аксел Витсел;
- Еден Азар;
- Венсан Компани;
- Муса Дембеле;
- Дрис Мертенс;
- Маруан Фелаини.
Најголемиот успех – третото место во 2018 година
Белгија ја освои групата во Бразил 2014 и стигна до четвртфиналето. Четири години подоцна, на Мундијалот во Русија 2018, оваа генерација го постигна најголемиот успех – трето место на Светското првенство, откако во полуфиналето беше елиминирана од Франција. Истото јадро на тимот стигна и до четвртфиналињата на Европските првенства во 2016 и 2020 година.
Сепак, останува впечатокот дека оваа група фудбалери можеше да освои повеќе. Критичарите често истакнуваа дека Белгија имаше неверојатен индивидуален квалитет, но никогаш не успеа да го освои големиот трофеј.
Нова ера за белгискиот фудбал
Иако старата гарда заминува, Белгија веќе има нова генерација која најавува подобра иднина. Повеќе од половина од играчите во тимот се на возраст од 25 години или помалку, а неколкумина веќе се наметнаа како нови лидери. Најголемо внимание привлече Шарл де Кетеларе (25). Напаѓачот беше најдобар стрелец на Белгија на Мундијалот 2026 со три гола, а додаде и една асистенција. Со својата игра покажа дека може да биде еден од носителите на новата белгиска ера.
Јури Тилеманс (29), капитенот постигна клучни голови во пресвртот против Сенегал во осминафиналето и покажа лидерски карактер. Амаду Онана (24), играчот на Астон Вила имаше одличен турнир пред повредата на предниот вкрстен лигамент против САД. Џереми Доку (24), ден од најталентираните белгиски фудбалери, иако на турнирот не успеа целосно да ја покаже формата од Манчестер Сити.
Заминување на една фудбалска ера
Покрај Куртоа, Лукаку, Де Брујне и Витсел, веројатно последните настапи на светските првенства ги одиграле и Леандро Тросар (31), Брендон Мехеле (33), Тимоти Кастањ (33) и Ханс Ванакен (33) иТомас Мение (34).
Белгија сега влегува во нов период. Златната генерација која со години ја носеше репрезентацијата полека заминува, но зад себе остава историски резултати и темели врз кои новите таленти ќе се обидат да создадат нова фудбалска приказна.