Претседателот на ЕС Кошта стартуваше турнеја низ Западен Балкан пред самитот во Тиват

Шест земји за пет дена, една порака: моментумот е тука, сега е ред на резултати.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта денеска започна петдневна турнеја низ сите шест земји на Западен Балкан, пред самитот ЕУ – Западен Балкан што ќе се одржи на 5 јуни во Тиват, Црна Гора. Во Скопје ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, кој однапред порача дека нема да отстапува „ниту милиметар” по прашањето на идентитетот.

Кошта почна во Сараево, Скопје го чека во среда

Антонио Кошта денеска пристигна во Сараево, каде ја отвори турнејата низ Западен Балкан. Според распоредот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, во вторник, 2 јуни, тој ќе биде во Тирана, а во среда ќе го посети Скопје. Потоа следуваат Приштина (4 јуни), Белград (5 јуни) и Подгорица, каде на 5 јуни ќе биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан со тема „Заеднички просперитет и стабилност”.

Кошта: Проширувањето е реална можност, не реторика

Пред поаѓањето, Кошта ја образложи целта на посетата. „Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати”, изјавил претседателот на Европскиот совет. Разговорите ќе се фокусираат на проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста, информираат од Делегацијата на ЕУ.

Мицкоски: Нема простор за нови отстапки по прашањето на идентитетот

Премиерот Христијан Мицкоски на 29 мај изјави дека ја очекува посетата на Кошта со цел да разменат идеи за надминување на она што го нарекува „вештачко билатерално барање”. Мицкоски потврди дека ставот на Владата останува непроменет: „Нема простор ниту милиметар повеќе да се отстапува идентитетски, зашто оваа држава и граѓаните на Македонија дадоа премногу изминатите децении, а за возврат добивме ништо или многу малку.” Премиерот исто така изјави дека со Кошта досега водел „исклучително пријателски разговори” и дека го смета за конструктивен соговорник.

е-Трн да боцка во твојот инбокс