Над 1.200 жени обучени да ја препознаваат и пријавуваат корупцијата во здравството

Повеќе од 1.200 жени од над 20 населени места во Македонија учествуваа на обуки за препознавање и пријавување корупција во јавното здравство. Проектот има цел да ја зголеми свесноста и да ги охрабри граѓанките да реагираат на коруптивни практики.

Повеќе од 1.200 жени од над 20 населени места низ Македонија учествуваа на 80 работилници посветени на препознавање и пријавување на корупција во јавното здравство.

Работилниците беа организирани за девојки и жени на возраст од 18 до 80 години во Прилеп, Битола, Куманово, Тетово, Штип, Свети Николе и во околните населени места. Тие се реализираа во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“.

Главната цел на обуките беше да се утврди колку жените ги препознаваат коруптивните практики, но и да се унапреди нивното знаење за начините на пријавување на вакви случаи.

Учесничките пополнуваа тестови пред и по обуките, а резултатите покажаа значително подобрување во разбирањето на корупцијата и можностите за нејзино пријавување. Најголем напредок е забележан во делот на информираноста за тоа кои гинеколошки и репродуктивни услуги се законски бесплатни, дека давањето подарок за побрза услуга претставува корупција, како и за практичните чекори за пријавување неправилности.

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, кое го спроведува проектот, посочуваат дека жените често се поранливи на корупција во здравството, особено при користење гинеколошко-акушерски услуги.

„Токму затоа овие работилници беа насочени кон зајакнување на жените – не само да ја препознаат корупцијата, туку и да ѝ се спротивстават и да пријавуваат случаи кои го нарушуваат јавното здравство“, изјави Дарко Антиќ од ЕСЕ.

Податоците од проектот покажуваат дека околу 62 отсто од учесничките имаат отежнат пристап до здравствени услуги, додека 58 отсто имаат потешкотии да ги покријат основните трошоци за здравствена грижа.

Работилниците се спроведени со поддршка на повеќе партнерски организации, меѓу кои „Мајка“ од Куманово, „Станица П.Е.Т.“ од Прилеп, „Женски форум“ од Тетово и „Граѓанска иницијатива на жени“ од Свети Николе.

Од ЕСЕ истакнуваат дека големиот интерес кај жените е показател дека постои свест за негативните последици од корупцијата и подготвеност за активна заштита на сопствените права.

„Работевме на реални ситуации и конкретни упатства како да реагираат доколку се соочат со барање за корупција од здравствени работници. Целта е жените да бидат информирани, охрабрени и подготвени да пријавуваат“, изјави Ирина Поцкова од ГИЖ Свети Николе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс