Украинскиот парламент го избра Сергиј Корецки за нов премиер

Фото: X/@KoretskyiUA

Украинскиот парламент денеска го избра Сергиј Корецки, досегашен извршен директор на државната енергетска компанија „Нафтогаз”, за нов премиер на земјата, дел од поширока реорганизација на владата иницирана од претседателот Володимир Зеленски. Корецки доби поддршка од 289 пратеници, еден гласаше против, седум се воздржаа, а 21 не гласаа.

Зеленски го номинираше Корецки, наведувајќи го неговото искуство во енергетскиот сектор како клучна причина, тврдејќи дека тој е најдобро подготвен да ја води земјата низ уште една воена зима.

„По сите консултации, Сергиј Корецки е веројатно највредниот кандидат за позицијата премиер на Украина”, изјави Зеленски вчера, на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Киев. Изборот доаѓа откако парламентот во вторникот ја разреши поранешната премиерка Јулија Свириденко, што автоматски предизвика оставка на целиот кабинет.

Изборот на Корецки, сепак, беше засенет од контроверзија. Истовремено со неговото именување, Зеленски го отпушти министерот за одбрана, Михаило Федоров, само шест месеци откако ја презеде функцијата. Федоров е почитуван министер и тој го потврди своето разрешување преку социјалните мрежи во средата навечер, набројувајќи ги своите постигнувања на функцијата, откако со денови кружеа непотврдени медиумски извештаи дека заминува. Стотици демонстранти се собраа пред парламентот во четвртокот, носejќи транспаренти со пораки „Власта е народот” и „Вратете го Федоров”, предупредувајќи дека потегот може да ги наруши воените напори среде тековната војна.

Пред да стане министер за одбрана, Федоров беше шеф на украинската дигитална трансформација, широко сметан за модернизатор кој го предводеше развојот на украинската дронска технологија и воведе неколку успешни е-владини платформи. По преземањето на функцијата министер за одбрана, тој изјави дека војската се соочува со околу 200.000 дезертирања и уште 2 милиони случаи на бегање од регрутирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс