Четворица републиканци се свртеа против Трамп поради војната во Иран

Резолуцијата бара итно повлекување на американските трупи од Иран, а Сенатот истиот ден гласа за слична иницијатива.
Фото: JessicaRodriguezRivas, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Долниот дом на американскиот Конгрес, во кој републиканците имаат тесно мнозинство, денес изгласа резолуција со која се бара од претседателот Доналд Трамп да ги повлече вооружените сили од конфликтот со Иран. За резолуцијата гласаа 214 конгресмени, против 208, а меѓу тие кои гласаа за беа и четворица републиканци кои се приклучија на демократите. Предлагачка на текстот е демократската пратеничка Прамила Џајапал.

Резолуцијата за воени овластувања помина со 214 гласа за и 208 против. На страната на демократите се приклучија четворица републикански конгресмени: Том Барет од Мичиген, Брајан Фицпатрик од Пенсилванија, Ворен Дејвидсон од Охајо и Томас Меси од Кентаки.

Документот бара од Трамп да ги „повлече американските вооружени сили” од судирот со Иран, освен ако нивното учество не го одобри Конгресот. Потегот е воглавно симболичен. Во изминатите месеци пратениците веќе изгласаа неколку слични резолуции кои не резултираа со прекин на конфликтот.

Се очекува дека Сенатот подоцна ќе гласа за посебна, но содржински слична резолуција. Републиканците, паријата на претседателот Трамп, имаат тесно мнозинство во двата дома на Конгресот.

Гласањето во Домот на претставниците се случи во момент кога има нови американски жртви во конфликтот и откако Трамп најави засилување на нападите врз Иран. Претседателот вети „жестока воена одмазда” против Иран и неговите сојузници Хутите.

Изјавата дојде откако јеменски борци погодија два саудиски нафтени танкери во Црвеното Море, со што конфликтот на Блискиот Исток се прошири на уште една важна поморска сообраќајна точка. До ескалацијата дојде две недели откако пропадна привремено примирје договорено со цел да се стави крај на војната.

Американската војска започна нов бран ноќни воздушни напади врз Иран, а Иран одговори со напади врз американски бази во соседните држави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс