Што ако Виолета и Алфредо не живееја во париските салони, туку во Железара? Ќе се сакаа гласно, ќе се расправаа од тераса до тераса и веројатно барем еднаш ќе им засметаа на комшиите. Токму од оваа замисла тргнува новото издание на КомшиLOOK, кое на 13 јуни од 18 часот повторно се враќа дома, меѓу црвените згради во Железара.
Овојпат фестивалот ја носи „Травијата“ од Џузепе Верди во маалски контекст, како „комшиска опера“ во која класичната приказна добива нов живот меѓу згради, балкони, дворови и луѓе што се препознаваат едни со други.
КомшиLOOK е фестивал што не ја носи културата само на сцена, туку ја враќа таму каде што често недостасува најмногу: во соседството. Наместо публика што седи во темна сала, тука има комшии, тераси, отворен простор, музика, перформанси, уметност и дружба.
Фестивалот започна токму во Железара, а неговата идеја е едноставна и важна: да се оживеат маалата, да се вратат средбите и да се потсети дека јавниот простор не е само простор меѓу згради, туку место каде што може да се случи заедница.