Според домашни анализи, Скопје денес располага со само 12,07 квадратни метри зеленило по жител – речиси двојно помалку од европскиот стандард од 25 квадратни метри. Проблемот не е само во апсолутната бројка, туку и во начинот на кој зеленилото е распределено. Густо изградените делови од градот, особено центарот и поновите населби, имаат значително помалку зелени површини.
Мерено на терен, не според чувство
Институтот за јавно здравје спровел мерења на девет локации низ Скопје во периодот од 22 до 28 јули 2022 година, за време на топлотен бран. Резултатите потврдиле дека на четири од деветте измерени локации се создава класичен ефект на урбан топлински остров, подрачја каде што температурата на воздухот е забележливо повисока од онаа во околината.
Разликата меѓу локација без дрворед и Градскиот парк во истиот период достигнала 7,9 степени. Уште подраматична разлика, од повеќе од 11 степени, била измерена во едно скопско училиште, меѓу засенет дел со дрвја и трева и незасенет бетонски спортски терен.
Каде е најжешко?
Централните делови на градот и поновите, густо изградени населби покажуваат температури повисоки за 5 до 6 степени во споредба со периферијата, поради комбинацијата од недостиг на зеленило, масовна бетонизација и несоодветно урбанистичко планирање.
Речиси секоја слободна педа земја во последните години е претворена во градилиште, често без соодветно ново зеленило или дрвореди како компензација.
Скопје на балканската листа – ниту најлошо, ниту добро
Според анализа на Светската банка од 2024 година, Скопје е меѓу балканските градови, заедно со Белград и Сараево кои во периодот од 2015 до 2020 година реално го зголемиле своето зеленило. Тоа е спротивно на трендот во Тирана, Тетово и Призрен, каде што количеството зеленило дополнително се намалило во истиот период.
Сепак, Скопје останува некаде на средината на регионалната листа. Документите за зелени коридори и акциски планови постојат на хартија, но нивната имплементација останува бавна особено во услови кога летните температури редовно се приближуваат до 40 степени.
Зошто зеленилото навистина лади, а не само што изгледа убаво?
Механизмот е едноставен, но моќен зелените површини и почвата задржуваат влага и дел од топлината, наместо таа да се акумулира и повторно да се ослободува во воздухот како кај асфалтот и бетонот. Дрвјата дополнително обезбедуваат директна сенка и ја намалуваат температурата на површините под нив. Тоа се случува без дополнителна потрошувачка на електрична енергија.
Клима-уредите, од друга страна, ја ладат внатрешноста на домовите и зградите, но топлината ја исфрлаат надвор, со што на локално ниво можат дополнително да придонесат кон загревање на уличниот простор.
Што прават другите европски градови?
Голем број европски метрополи веќе активно инвестираат во решенија насочени токму кон овој проблем – масовно садење дрвја долж главните булевари, „ладни покриви“ и „ладни тротоари“ од материјали кои апсорбираат помалку топлина, привремено затворање на сообраќајни артерии во периоди на екстремна жештина и создавање „расладни коридори“ низ градовите, кои ги поврзуваат парковите и засенетите пешачки патеки.
Сингапур често се наведува како глобален пример за вакви политики. Градот-држава има висока покриеност со зеленило и долгорочни планови за подобрување на пристапот до паркови и зелени површини. Моделот покажува дека со долгорочно планирање, систематско садење и политичка волја, градската топлина може значително да се ублажи.
Разликата меѓу град кој секое лето станува неподносливо жежок и град кој реално ги штити своите жители не е мистериозна формула. Таа е поврзана и со нешто што може да се измери – количината, но и распоредот на зелените површини во градот.
Скопје веќе има стратегии, документи и планови. Прашањето е дали тие конечно ќе почнат да се претвораат во реални зелени површини, дрвореди и засенети јавни простори, пред следниот топлотен бран повторно да ја покаже истата, научно измерена разлика од речиси 8 степени Целзиусови.