Apple попушта пред ЕУ: Провизиите за програмерите паѓаат, а се отвора и патот за алтернативни продавници

Apple најави големи промени во правилата за програмерите во Европската Унија, по долгогодишниот спор со европските регулатори околу контролата врз App Store. Новите правила стапуваат во сила од 1 октомври, а една од најзначајните промени е намалувањето на провизиите што Apple ги наплаќа од програмерите.

Провизијата паѓа од 30 на 26 проценти

За купувањата во апликациите, стандардната провизија во ЕУ ќе биде намалена од 30 на 26 проценти. За програмерите кои се дел од партнерските програми на Apple, како и за одредени претплатнички услуги со автоматско обновување, провизијата ќе изнесува 15 проценти.

Apple истовремено ја укинува таканаречената Core Technology Fee, која досега се наплаќаше од програмерите што користат алтернативни начини на дистрибуција. Наместо неа, компанијата ќе воведе провизија од 5 проценти на дигиталните трансакции за апликациите што се дистрибуираат надвор од App Store.

Повеќе алтернативи за програмерите

Новите правила ќе им овозможат на програмерите во ЕУ да користат и алтернативни системи за плаќање, покрај алатките на Apple. Компанијата исто така ќе дозволи апликациите да се дистрибуираат директно преку интернет, а ќе биде полесно и за други компании да воспостават сопствени продавници за апликации надвор од App Store.

Од Apple велат дека промените треба да ги решат несогласувањата со Европската комисија околу условите за работење и алтернативната дистрибуција.

Нови правила за малолетниците

Компанијата најави и дополнителни мерки за заштита на младите корисници. За лица под 18 години ќе биде потребна родителска согласност за купувања во апликации кога се користат алтернативни начини на плаќање или купувањето се одвива преку веб-страница.

Корисниците под 13 години воопшто нема да можат да вршат вакви купувања преку веб. Европската комисија ги поздрави промените и најави дека внимателно ќе следи како ќе се спроведуваат новите правила. Новиот систем стапува во сила на 1 октомври и претставува една од најголемите промени во начинот на кој Apple го контролира својот App Store на европскиот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс