Возачите кои вечерва се враќаат од Халкидики и Солун кон Македонија ќе мора да минуваат низ градската сообраќајна мрежа. Поради изградбата на новиот автопат „Flyover“, солунската обиколница од 23 часот до 5 часот изутрина ќе биде целосно затворена во правец кон запад. Сообраќајот ќе се пренасочува низ градските улици, што може да предизвика дополнителни задржувања на патот кон граничниот премин Богородица.
Привремената забрана ќе важи на Источната внатрешна обиколница на Солун, конкретно на делницата меѓу клучката К10 кај Константинополитика и клучката К9 кај Тумба. Сите возила што се движат кон запад ќе се исклучуваат кај К10 и ќе продолжуваат по улиците Стагеирити, Григориу Ламбраки и Дијагора, по што повторно ќе се приклучуваат на обиколницата.
Сообраќајната полиција апелира до сите возачи да ја почитуваат привремената сигнализација, бидејќи пренасочувањето низ градското подрачје значително ќе го забави протокот на возила.
Затворањето го зафаќа само правецот кон запад, што ги погодува патниците кои се враќаат кон Македонија или патуваат кон западна Грција. Спротивниот правец, од источната страна кон аеродромот „Македонија“ и туристичките места на Халкидики, ќе функционира без прекини.
Градежните активности за новиот надземен автопат „Flyover“ во изминативе неколку месеци веќе предизвикаа серија ноќни блокади. Граѓаните и туристите кои планираат ноќно патување во овој шестчасовен интервал треба да предвидат дополнително време за минување низ Солун.