Праските се здрави, но не се препорачуваат за секого

Праските се богати со хранливи материи, но не се препорачуваат за секого. Дознајте кои лица треба да ги избегнуваат и колку праски е препорачливо да се јадат во текот на денот.

Праските се едно од најомилените летни овошја благодарение на нивниот сладок вкус и богатата хранлива вредност. Тие содржат витамини, минерали и растителни соединенија кои можат позитивно да влијаат врз здравјето, но кај одредени луѓе нивното консумирање може да предизвика непријатности.

Лицата кои страдаат од синдром на нервозно дебело црево треба да бидат особено внимателни. Праските содржат природни шеќери и јаглехидрати од групата FODMAP, кои потешко се варат и можат да предизвикаат надуеност, гасови, болки во стомакот или промени во празнењето на цревата. Експертите советуваат овие намирници привремено да се исклучат од исхраната, а потоа постепено повторно да се воведуваат за да се утврди индивидуалната толеранција.

Внимание е потребно и кај лицата кои имаат алергија на коскесто овошје, како што се кајсиите, сливите и нектарините. Кај нив дури и мала количина праски може да предизвика чешање во устата и грлото, отекување на усните, јазикот или лицето, а во потешки случаи и посериозна алергиска реакција.

Кај здравите лица праските можат да бидат дел од балансирана исхрана, но и во овој случај се препорачува умереност. Прекумерното консумирање може да предизвика дигестивни тегоби, па нутриционистите советуваат дневниот внес да не надминува три праски со средна големина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс