Умот најчесто се поврзува со секојдневен стрес, недоволен сон или напорен ритам на живот, но лекарите предупредуваат дека во одредени случаи тој може да биде и ран сигнал за посериозни здравствени проблеми, вклучително и срцеви заболувања. Кардиологот д-р Сем Сетарех објаснува дека срцевите проблеми не мора секогаш да се манифестираат со драматични симптоми како силна болка во градите или вртоглавица, туку често започнуваат со постепен и постојан пад на енергијата кој лесно може да се занемари.
Според него, особено важно е да се обрне внимание на нов, упорен или необјаснив умор кој не може да се поврзе со начин на живот, стрес или недостаток на сон. Таквата состојба, особено ако е придружена со намалена физичка издржливост, може да укажува дека срцето не успева ефикасно да ја снабдува крвта богата со кислород до органите и ткивата, што резултира со постојано чувство на исцрпеност и слабост.
Кардиолозите често кај пациентите со вакви симптоми поставуваат едно клучно прашање, дали чувствуваат отежнато дишење при активности кои претходно им биле лесни, како качување скали или пешачење на пократки растојанија. Недостатокот на здив при напор, заедно со хроничниот умор, може да биде важен показател дека срцето и белите дробови не успеваат да ги задоволат потребите на организмот.
Покрај овие два главни симптоми, на можни срцеви проблеми може да укажуваат и намалена толеранција на физички напор, отекување на нозете или глуждовите, неправилен срцев ритам, вртоглавица, непријатност во градите, како и потреба од повеќе перници при спиење поради отежнато дишење во лежечка положба. Лекарите истакнуваат дека срцевиот умор се разликува од обичниот по тоа што е постојан, се влошува со време и не исчезнува дури и по одмор или добар сон.
Доколку заморот е придружен со отежнато дишење, болка во градите, палпитации, вртоглавица или оток, неопходно е да се побара лекарска проценка, бидејќи навременото откривање на срцеви заболувања значително ја зголемува шансата за успешно лекување. Лекарите предупредуваат дека токму овие „тивки“ симптоми најчесто се игнорираат, и затоа е важно секоја промена во нивото на енергија што трае подолго време да не се занемарува.