Клоп преговара за нов селектор на Германија

Јирген Клоп потврди дека преговара со Германскиот фудбалски сојуз за селекторската функција по заминувањето на Јулијан Нагелсман.

Германскиот тренер Јирген Клоп потврди дека води разговори со Германскиот фудбалски сојуз (DFB) за преземање на селекторската функција на германската репрезентација, откако Јулијан Нагелсман ја напушти позицијата по разочарувачката елиминација од Парагвај на Светското првенство.

Нагелсман си замина по поразот во нокаут-фазата, а германските медиуми веднаш го посочија Клоп како главен кандидат за негов наследник. За време на Мундијалот, поранешниот менаџер на Ливерпул работеше како стручен телевизиски коментатор.

„Да, можам да потврдам дека разговараме. Работите се одвиваа многу брзо. Јулијан си замина, а Германскиот фудбалски сојуз бара нов селектор. Да, разговараат со мене“, изјави Клоп за Magenta TV.

„Под договор сум со Ред Бул“

По заминувањето од Ливерпул во 2024 година, каде што освои титули во Премиер лигата и Лигата на шампионите и стана една од најголемите клупски легенди, Клоп ја презеде функцијата директор за глобален фудбал во компанијата „Ред Бул“. Сепак, тој истакна дека евентуалното преземање на германската репрезентација нема да биде едноставен процес.

„Времето е важен фактор. Под договор сум со Ред Бул. Кажав дека сум заинтересиран за разговори, но тие ќе бидат интензивни. Не станува збор само за Јулијан Нагелсман. Треба да разговарам и со Оливер Минцлаф, кој е мој работодавец. Веќе ја начнавме таа тема“, рече Клоп.

И покрај тоа, искусниот германски стратег е оптимист.

„Претпоставувам дека нема да ми стојат на патот. Во Ред Бул сум 19 месеци и тоа беше интензивен период. Подготвен сум. Кога ќе почнат разговорите, мислите веднаш почнуваат да работат. Потребни се темелни промени“, порача Клоп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс