Казни до 200.000 евра за нефер трговија: Владата подготвува остар удар врз прекршителите

Владата подготвува измени на Законот за нефер трговски практики со кои максималните казни за прекршителите ќе достигнуваат до 200.000 евра. Целта е посилна заштита на производителите и поправедни услови на пазарот.

Компаниите што не ги почитуваат правилата на пазарот наскоро би можеле да се соочат со рекордно високи парични казни. Владата подготвува измени на Законот за нефер трговски практики со кои максималните санкции ќе се зголемат и до десет пати, достигнувајќи суми од дури 200.000 евра.

Од Министерството за економија и труд посочуваат дека досегашната примена на законот открила бројни слабости и празнини што им овозможувале на одредени компании да ги заобиколуваат правилата преку различни договорни механизми и деловни практики. Новите измени имаат за цел да обезбедат поефикасна заштита на производителите и добавувачите, особено во секторот на храна и земјоделски производи, каде најчесто се појавуваат проблеми во односите со големите трговски синџири.

Според податоците на Комисијата за заштита на конкуренцијата, досега биле поведени околу 45 постапки за прекршување на законските одредби. За утврдените неправилности биле изречени казни во вкупна вредност од приближно 200.000 евра.

Со новите законски решенија се очекува да се намали можноста за злоупотреба на доминантната пазарна позиција, а воедно да се воведат и построги механизми за надзор и контрола на договорните односи меѓу трговците и нивните деловни партнери.

Паралелно со законските измени, Министерството за економија и труд најавува и нов пакет мерки за поттикнување на вработувањето. Фокусот ќе биде ставен на младите до 29 години, невработените лица, ранливите категории граѓани, како и на оние што сакаат да започнат сопствен бизнис или да се вратат и инвестираат во земјата по престој во странство. Од институциите велат дека целта е да се создаде поконкурентен и поправеден пазар, но и да се обезбедат подобри услови за економски раст, нови инвестиции и отворање работни места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс