Казина и обложувалници ќе докажуваат чисто досие и потекло на парите

Министерството за финансии донесе нов правилник со строги критериуми за интегритет и капитал при издавање лиценци за игри на среќа.

Министерството за финансии го донесе новиот Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа. Сите правни и физички лица што бараат лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или затворена томбола ќе мора детално да го докажат потеклото на својот капитал и правната чистота на бизнисот. Овој подзаконски акт претставува оперативен чекор по законските измени донесени кон крајот на јуни.

Правилникот детално ја пропишува документацијата со која идните и постојните приредувачи мора да го докажат својот деловен интегритет. Барателите ќе доставуваат официјални потврди дека немаат изречени санкции за забрана за вршење професија, дејност или должност, како и казни поврзани со приредување игри на среќа. Фокусот е ставен врз затворање на просторот за сомнителен капитал и нетранспарентни сопственички структури во индустријата.

„Прецизната регулатива е основа за јасни и фер правила за работа во секоја индустрија, вклучително и индустријата на игри на среќа. За нас, донесувањето на Законот и на подзаконските акти не е крајот на процесот. Вистинскиот резултат доаѓа со неговата доследна имплементација“, наведе министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Од ресорното министерство најавуваат дека во тек е подготовка и на останатите подзаконски акти кои произлегуваат од Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Новата законска рамка има за цел да воспостави строга контрола врз индустријата и поголема општествена заштита на граѓаните. Според најавите од Финансии, надзорот врз лиценцирањето ќе продолжи паралелно со носењето на преостанатите правилници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс