Општина Карпош објави јавен оглас за доделување стипендии на талентирани млади спортисти, жители на општината, кои во учебната 2026/2027 година ќе бидат ученици во VIII или IX одделение. За најуспешните млади спортисти се предвидени стипендии од 3.500 денари месечно, додека спортистите кои ги исполнуваат критериумите за втора категорија ќе добиваат 3.000 денари месечно. Стипендиите ќе се исплаќаат во период од осум месеци во текот на учебната година.
Кој може да аплицира?
Право на стипендија имаат ученици кои се жители на Општина Карпош и ќе достават потврда од училиштето дека во учебната 2026/2027 година се запишани во VIII или IX одделение. Кандидатите треба да имаат остварено индивидуални спортски резултати во периодот од 1 септември 2025 до 31 август 2026 година. Резултатите треба да бидат потврдени од матичната национална спортска федерација и да бидат усогласени со нејзиниот календар на натпревари.
За кого е стипендијата од 3.500 денари?
Во првата категорија се опфатени спортисти кои: освоиле прво место на официјално национално првенство во индивидуална конкуренција; добиле признание или награда за индивидуално постигнување, како национален рекорд, најдобар играч, најдобар поентер, голгетер или талент и се репрезентативци на Македонија и учествувале на најмалку еден репрезентативен натпревар.
За репрезентативните настапи потребно е да се достави доказ, како записник или билтен, со податоци за натпреварот.
Кој добива 3.000 денари?
Втората категорија ја сочинуваат спортисти кои освоиле второ место на официјално национално првенство во индивидуална конкуренција. Други спортски резултати кои не се опфатени со овие критериуми нема да се земаат предвид при рангирањето.
Кои документи се потребни?
Кандидатите треба да достават: биографија на спортистот; потврда од клубот дека спортистот е негов член; фотокопија од спортска легитимација; важечки документ од националната спортска федерација со потврда за остварените резултати; контакт телефон и е-пошта и трансакциска сметка.
Барањето го поднесува родител или законски старател.
Документите треба да се достават во затворен плик во Архивата на Општина Карпош, на улица „Никола Русински“ бр. 11 во Скопје, со назнака:
„За доделување на Стипендии за талентирани спортисти жители на Општина Карпош кои учат во VIII и IX одделение“ Крајниот рок за пријавување е 21 септември 2026 година.
Некомплетните и ненавремено доставените документи нема да бидат разгледувани.
Од Општина Карпош посочуваат и дека еден кандидат може да оствари право само на една стипендија – за спорт или за образование. Дополнително, спортистите кои веќе добиле еднократна парична помош од Општината од областа на спортот и спортската рекреација нема да можат да добијат и оваа стипендија.
Со програмата Општина Карпош има цел да обезбеди финансиска поддршка за младите спортски таленти и да ги поттикне да продолжат со развојот и постигнувањето врвни резултати.