Канада воведува државна контрола над вештачката интелигенција

Отава основа специјален совет со јасна порака дека суверенитетот и правилата за новите технологии ќе ги диктира самата држава, а не странски технолошки гиганти

Канадскиот премиер Марк Карни најави формирање на Национален совет за вештачка интелигенција, ново советодавно тело со задача да воспостави цврста државна контрола и јасна насока за развојот на AI секторот во земјата. Ова тело обединува претставници од владата, бизнисот, академската заедница и технолошката индустрија за да ја спроведе националната стратегија „AI за сите“, насочена кон јакнење на канадскиот технолошки суверенитет и заштита на општеството.

Новото тело има директна задача да ѝ доставува на владата конкретни препораки за забрзана практична примена на новите алатки, јакнење на домашните компании и изградба на сопствена инфраструктура. Наместо пасивно прифаќање на увозни решенија, советот ќе работи на поставување безбедносни стандарди и институционален надзор над алгоритмите пред тие да влезат во широка употреба.

Членовите ќе испитуваат и како овие системи можат да ги подобрат јавните услуги за граѓаните, но со постојан фокус врз потенцијалните ризици што алгоритмите ги носат за демократските процеси и социјалната стабилност.

Канадскиот премиер порача дека идниот просперитет на секоја земја зависи од нејзината способност самата да ги одредува границите и стандардите за технолошкиот напредок.

„Во ерата на вештачката интелигенција, просперитетот и суверенитетот ќе им припаднат на државите што се способни да ја развиваат, применуваат и управуваат со оваа технологија според сопствени правила. Тоа е мисијата на Канада, а таа бара експертиза и водство од целиот сектор. Советот ќе ѝ помогне на владата најефикасно да ги искористи овие системи и да управува со ризиците“, изјави Карни.

Со овој потег Канада испраќа порака дека нема да остане нем набљудувач или зависен корисник на странски решенија, туку гради институционален штит за заштита на сопствените дигитални ресурси и јавниот интерес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс