Стоп за биометриски надзор: Калифорнија ја ограничи вештачката интелигенција

Работодавците повеќе нема да смеат да отпуштаат исклучиво преку софтвер, ниту да ја мерат емоционалната состојба на кадарот.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, потпиша пакет закони со кои значително се ограничува примената на вештачката интелигенција на работните места. Новата регулатива им забранува на компаниите да користат биометриски податоци за проценка на емоциите кај вработените. Дополнително, фирмите добиваат строга забрана за делење откази водени исклучиво од алгоритми, со задолжително писмено известување доколку автоматизацијата стои зад масовни отпуштања.

Новите правила јасно ги ограничуваат работодавците во потпирањето врз автоматизирани алатки кога се решава за судбината на работниците. Технологијата веќе не смее самостојно да пресече кој ќе го напушти работното место. Покрај забраната за алгоритмички откази, компаниите ќе мора транспарентно да достават писмено известување ако токму системите на вештачка интелигенција се директната причина за кратење на позициите.

Законот исто така става рампа за наметлив биометриски надзор. Следењето на фацијалните експресии, тонот на гласот или физиолошките реакции со цел проценка на емоционалната стабилност и лојалноста на работникот станува нелегално во оваа сојузна држава.

„Вештачката интелигенција треба да создава прилики, а не да им штети на работниците и нивните семејства. Додека оваа технологија ги менува работните места, Калифорнија го става човекот во центарот“, порача Њусом по потпишувањето на законскиот пакет.

Њусом ја искористи прес-конференцијата за остра критика кон сојузната власт, упатувајќи забелешки директно до претседателот Доналд Трамп поради недостигот на федерална законска регулатива. Додека Белата куќа неодамна објави дека лидерите на технолошкиот сектор потпишале доброволен договор за саморегулација, калифорнискиот гувернер смета дека таквиот пристап е недоволен за заштита на граѓаните од реалните ризици.

Гувернерот потпиша и посебна извршна уредба со која им наложи на сите калифорниски државни агенции да продолжат официјално да го користат терминот „вештачка интелигенција“, отфрлајќи го називот „суперинтелигенција“ што Трамп претходно им го наложи на американските дипломати.

Овој потег се надоврзува на претходниот закон од почетокот на месецот, со кој операторите на чет-ботови се обврзаа да вршат задолжителна процена на ризиците пред воопшто да ги пуштат своите модели во јавна употреба. Доколку Конгресот продолжи со пасивност, Њусом најави дека не исклучува ниту свикување вонредна седница на парламентот во Сакраменто за дополнителни законски мерки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс