Над девет милиони денари завршија во рацете на сајбер-криминалци на подрачјето на Тетово и Гостивар во изминатите две години. Според податоците од Секторот за внатрешни работи Тетово, заклучно со 25 септември 2026 година, регистрирани се вкупно 15 случаи на комјутерски измами и неовластени упади во системи. Најголемиот дел од штетата отпаѓа на компании чии сметки биле испразнети преку лажно претставување на деловни соработници и злоупотреба на банкарски податоци преку онлајн измами.
На подрачјето на Тетово во 2025 и 2026 година се евидентирани девет случаи на измами, од кои дури осум лани и еден годинава. Вкупната пријавена материјална штета само за тетовскиот регион изнесува 8.945.926 денари.
Високата сума директно произлегува од фактот што поголем дел од оштетените се фирми. Измамниците најчесто користат шеми со пресретнување фактури, лажно претставување на странски или домашни партнери и фишинг напади насочени кон сметководството.
Во Гостивар се забележани шест измами со банкарски сметки во истиот период, како и три случаи на неовластено влегување во компјутерски систем, со штета од 412.606 денари. Сите кривични постапки пред обвинителствата се водат против непознати сторители.
Напаѓачите редовно целат на љубопитноста и ветувањата за лесна заработка или награди, предупредува ИТ-експертот Дејан Станојевиќ.
„Лошиот превод, граматичките грешки, премногу нападните реклами и сомнителните линкови можат да бидат предупредување дека нешто не е во ред. Таквите понуди обично изгледаат премногу добро за да бидат вистинити“, посочува Станојевиќ. Тој советува граѓаните под никакви околности да не внесуваат матичен број, датум на раѓање или телефон на страници што немаат верификувано потекло од банка или државна институција.
Психологот Ана Марија Блажеска додава дека малолетниците се особено чувствителна цел во дигиталната комуникација. Според неа, решението не е во забрани, туку во постојан надзор и доверба:
„Како што секое дете е уникатно, така и родителскиот пристап не може да се сведе на магична формула. Сепак, универзален минимум е конструктивен родителски надзор и постојан разговор за содржините на кои е изложено детето“.
При секое сомневање за компромитирани податоци, првите неопходни чекори се итна блокада на банкарската картичка, промена на сите лозинки и пријава во полиција.
Извор: Локал Актив
