Почетокот на учебната година е и потсетник дека безбедноста на децата не се однесува само на училиштето и средината во која тие учат, туку и на дигиталниот простор во кој секојдневно поминуваат сè повеќе време.
На 1 септември, во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје, почетокот на учебната година беше одбележан со пораки за создавање безбедна и мирна средина за учениците, но и со иницијатива насочена кон нивната безбедност во дигиталниот свет.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска им посака на учениците успешна учебна година, а на првачињата им порача да бидат љубопитни, да прашуваат, да размислуваат и слободно да го кажуваат своето мислење.
„Ова е убав ден, среќен ден за сите првачиња, нивните родители, за сите наставници, но секако и за сите останати ученици. На сите нив им посакувам среќен почеток и многу успех низ целата година“, порача Јаневска.
Таа посебно ја истакна важноста од создавање мирна училишна средина во која учениците ќе се чувствуваат безбедно.

„Им посакувам и нешто друго, сè што прават заеднички и мирно да прават, на сите ученици од училиштето во една мирна училишна средина во која нема да има карања и тепачки“, рече Јаневска.
Но, безбедноста на децата денес не завршува со училишниот двор. Социјалните мрежи и дигиталните платформи се дел од нивното секојдневие, а со тоа се зголемуваат и ризиците од говор на омраза, дигитално насилство и ширење несоодветни содржини. Токму на ова се фокусира кампањата на Телеком „Да го направиме интернетот побезбеден за нашите деца“, која беше претставена во „Киро Глигоров“.
Горан Марковиќ, Генералн директор на Телеком посочува дека денешните предизвици се поинакви од оние со кои се соочувале претходните генерации.
„Кога ќе погледнам на денешницата и на минатото, мислам дека е многу потешко денес, бидејќи ние немавме интернет, немаше ширење на информации.“
Според него, порано конфликтите најчесто се случувале во непосредна средина и можеле полесно да се препознаат, да се спречат и да се решат преку разговор. Денес, пак, информациите се шират многу побрзо, а проблематичното однесување лесно може да се пренесе и во дигиталниот простор.

Затоа, важен дел од пристапот е едукацијата и превенцијата.
„Нашата улога е да се обидеме да го коригираме секое проблематично однесување и да едуцираме. Се разбира, не можеме да ја преземеме улогата на родителите, образовните институции и така натаму, но наша работа е да ги донесеме најдобрите практики од целиот свет и да дадеме сè од себе за да ѝ возвратиме на заедницата“, вели Марковиќ.
Од Телеком нагласуваат дека целта не е само да се обезбеди пристап до интернет, туку тој пристап да биде што е можно побезбеден за најмладите.
„Ние ја имаме инфраструктурата што овозможува пристап до интернет. И да се обидеме да направиме сè што можеме за пристапот до интернет да биде што е можно побезбеден за нашите деца“, посочува Марковиќ.
Кампањата ја отвора и пошироката тема за заедничката одговорност на родителите, училиштата, институциите и компаниите во создавањето дигитална средина во која децата ќе можат безбедно да учат, комуницираат и да ги користат можностите што ги нуди интернетот. Зашто, ако безбедното училиште е предуслов за здраво растење и учење, денес истото мора да важи и за дигиталниот простор.