За многумина кафето е задолжителен утрински ритуал за разбудување, но научните истражувања сè повеќе покажуваат дека омилениот пијалак може да има и значајни здравствени ефекти. Децении истражувања и илјадници студии укажуваат дека редовното консумирање кафе може да го намали ризикот од некои сериозни заболувања и да придонесе за подолг живот.
Иако во 1990-тите години постоеше сомнеж дека кафето може да биде поврзано со рак, подоцнежните истражувања ги отфрлија тие стравувања. Научниците утврдија дека старите студии често не правеле разлика меѓу влијанието на кафето и пушењето, бидејќи многу љубители на кафе во тоа време биле и пушачи. Денес е познато дека кафето содржи повеќе од 1.000 хемиски соединенија, меѓу кои полифеноли и витамини со силни антиоксидативни и противвоспалителни својства.
Го штити црниот дроб и го намалува ризикот од дијабетес
Една од најдоследните научни наоди е поврзаноста меѓу кафето и здравјето на црниот дроб. Голема студија од 2021 година, која следела речиси половина милион возрасни лица во период од 11 години, покажала дека луѓето кои пијат кафе имаат: 21 отсто помал ризик од хронично заболување на црниот дроб а 49 отсто помал ризик од смрт предизвикана од заболувања на црниот дроб.
Позитивниот ефект се забележува дури и со една шолја дневно, а најголема корист имаат луѓето кои пијат околу три до четири шолји дневно. Хлорогенската киселина во кафето може да помогне во подобрување на чувствителноста на инсулин и намалување на воспалителните процеси.
Токму подобрата реакција на организмот на инсулин е една од причините поради кои љубителите на кафе имаат помал ризик од развој на дијабетес тип 2. Истражувањата покажуваат дека секоја дополнителна шолја дневно може да го намали ризикот за околу 6 отсто.
Можно влијание врз здравјето на мозокот
Кафето може да има позитивно влијание и врз мозокот, особено благодарение на кофеинот. Голема метаанализа со податоци од околу дваесет истражувања и повеќе од еден милион луѓе покажала дека лицата кои пијат до три шолји кафе дневно имаат околу 28 отсто помал ризик од развој на Паркинсонова болест.
Научниците сметаат дека кофеинот може да помогне во заштитата на нервните клетки кои произведуваат допамин, супстанца чиј недостаток е поврзан со моторните проблеми кај ова заболување.
Кафето може да ве поттикне и на повеќе движење
Освен врз здравјето, кафето може да влијае и врз физичката активност.Студија објавена во 2023 година во списанието „New England Journal of Medicine“ покажала дека учесниците во деновите кога пиеле кафе во просек направиле околу 1.000 чекори повеќе отколку во деновите без кафе.
Според истражувачите, дополнителните 1.000 чекори дневно се поврзуваат со намалување на ризикот од смртност за 6 до 15 отсто. Иако количината и ефектите зависат од индивидуалното здравје, чувствителноста на кофеин и начинот на подготовка, научните докази сè повеќе покажуваат дека умереното пиење кафе може да биде дел од здрав начин на живот, а не само средство за полесно будење.