Во овој разговор за Трн, Кастелучи зборува за својот светоназор и уметничка практика, за идни проекти, за допирот како чин, звукот како патување и за тоа зошто верува дека токму уметноста може да биде поттик за следната еволуција на човештвото.
Во светот на Јулија, звукот не носи порака, туку постоење. Таа е „сонична скулптура“ која постојано се движи низ апстрактни емотивни пејзажи. Нејзината уметничка практика е „ситуациона“ од перформанси во месарница и пазарче до концерти за празни столчиња. Во ексклузивно интервју, разговаравме за нејзината потрага по јазик за комуникација со сведоците, за етичката позиција на уметноста и за тоа зошто верува дека е дојдено време за радикално поетична еволуција на човековата свест.


Трн: Потекнуваш од Србија, а своето музичко образование го заврши во Скопје. Како овие две средини влијаеја врз твојот уметнички развој и начинот на кој го градиш својот израз?
Јулија: Само сум родена во Србија, по игра на случајот таму го завршив основното и средното образование. Инаку духот, крвта и генезата ми се интергалактички и македонски, по аксиома. Од овие две земји дозволив да влијае само есенцијата. Од Македонија најмногу ми влијаеше звукот, полифонијата на фолклорот, сончевите зајдисонца во Трпејца, пејзажите, мирисот на ајварот на баба ми Зорка во Радовиш, вкусот на сутлијаш со цимет кај тетка ми Бисера, утринските прошетки низ Дебар Маало во пет сабајле, лежерните денови во Галичкиот предел, мирисот на трева на ридот кај МСУ, зајдисонца во Трпејца, драмите на Горан… Толку многу искуства и чувства што не може да се набројат – тие живеат во мене и сè уште одекнуваат во просторот меѓу. Да дозволев на општествените или политичките контексти од овие земји да влијаат врз мене, веројатно немаше ни да ме има. Јас сум атмосферопата и внимателно морам да се заштитам – внимателно одлучувам што од она што ме опкружува дозволувам да ме допре или промени.
Трн: Себеси често се опишуваш како „сонична скулптура“. Како би им го објаснила тој концепт на луѓе кои првпат се среќаваат со твоето творештво?
Јулија: Понекогаш сум сонична скулптура, понекогаш структура, а некогаш фрактура. Зависи од денот – тие категории се променливи, но соноритетот е основата. Никогаш не сум сакала да се „преведувам“ себеси. Ме интересира нематеријалниот аспект на постоењето – емотивната и чулната димензија. Тоа го нарекувам апстрактни емотивни пејзажи – простори во кои можеш да дишеш, да почувствуваш. Не се обидувам ништо да објаснувам на луѓето, туку преку делото покажувам дека постои и друга димензија, онаа што не ја гледаме во секојдневниот хаос.
Трн: Во перформансот „Звучен допир“ ја истражуваш физичката и метафизичката димензија на допирот. Што дозна за човечката природа преку тоа искуство?
Јулија: Допирот не е само физичка категорија, туку и метафизичка. Можеш да допреш некого со збор, со поглед, со глас, со звук или со тишина. Тоа се различни облици на допир и за мене тие се материјал за истражување. Преку допирот можеш многу да дознаеш – за себе и за другиот.
Трн: Каква е твојата уметничка практика, со оглед на тоа што се движиш низ различни медиуми?
Јулија: Јас сум ситуациона уметница, „инцидентна“ уметница. Кога тргнувам некаде, секогаш стигнувам на место што не постои – така зборува Homo Ludens во мене, човекот што се игра. Се играм слободно, низ животот и тоа ме збогатува. Во стариот завет пишува дека Господ го зодал човекот по својата истоветност, па јас тоа буквално и го сватив така, дека ние луѓе треба да го продолжиме божественото дело преку нашето творешство, во секојдневниот живот. Тоа е суштината на мојата практика. Сакам спонтанитет и проточност, не сакам да се расфрлам со ресурси. Се водам по принципот „minimum effort – maximum benefit“ како модус операнди.


Трн: Делото „Живот и ламент“ ја доведува во прашање нашата етичка позиција кон животните. Колку е важно за тебе уметноста да биде морална изјава?
Јулија: Во тоа дело ја истакнувам сложеноста на односот меѓу луѓето и животните, предизвикувајќи нè да размислиме за нашиот однос со другите видови. Дополнително, таа покренува прашања за моралот, етиката и одговорноста кој го имаме кон другите живи суштества што го делат нашиот свет. Дали нашата доминација над другите видови е оправдана? Како треба да го дефинираме нашиот однос со животните и како да се однесуваме кон нив со почит и сочувство?
Трн: Во Берлин неодамна имаше премиера на твојата инсталација „Sonic Milk“. Како настана проектот?
Јулија: Звукот може да нè храни исто како млекото – има своја хранлива вредност. Со Беџамин Пулан се запознав во Милано, потоа се роди идејата за „Sonic Milk“. Работевме во Париз во неговото студио ”Sound Like Paulin”, а потоа проектот беше прикажан во легендарната сала 1 во Funkhaus, во соработка со Monom4D Studio.
Трн: Често велиш дека звукот „едноставно постои“ и не мора да значи ништо. Каква трансформација може да предизвика звукот во човековата свест?
Јулија: Таму каде што зборот запира – звукот продолжува. Тој оди до сржта, до коската. Звукот е чувство, браново движење. Не носи порака, туку постоење. За мене тоа е најмоќната форма на енергија во универзумот.
Трн: Твоите перформанси често се изведуваат надвор од класични галериски простори – во месарница, на улица, на пазарче. Како просторот ја менува природата на делото?
Јулија: Создавам звучни ситуации, шпекулативни фикции, фрагменти и искуства. Мојот однос кон традиционалните тродимензионални изложбени практики е во постојано редефинирање, а јас сум во постојана потрага по ”ситуационото”. Со потрагата по ситуационото, ја извлекувам суштината, ја апстрахирам и ја претворам во некоја форма што е поставена во одреден контекст,време, простор, или форма, а понекогаш тој контекст исчезнува, и тогаш перформансот, ситуација или одредена форма станува ентитет сам по себе. Сопствениот јазик преку кој комуницирам со себе и со сведоците односно публиката, го користам на начинот на кој создавам ситуации, а не толку предмети, кога велам предмет, не мислам само на скулптура или слика, може да биде нешто што има одредена компактност, ефемерна форма на постоење и живеење.

Трн: На фестивалот „Егзит“ реализираше перформанс што „телепортираше“ луѓе само преку звук. Дали звукот навистина може да биде форма на патување?
Јулија: Апсолутно. Тоа е најбрзиот и најекономичен начин на патување – без пасош и без граници. Од Кратово до Владивосток. Кога пеам приспивна песна од Јапонија, за 8 секунди можете да се пронајдете себеси и да ги почувствувате пејзажите на селото Ицуки во округот Кумамото, преку звучноста, или ако ја слушнете „Мори чупи Костручанки“ за можеби помалце од 8 секунди од Јапонија можете да се телепортирате во Костурско, или ако ја слушнете „Прошета се Јовка Кумановка“ веднаш сте во Куманово!
Трн: Велиш дека „дошло време за еволуција на човековата свест“. Како ја замислуваш таа следна фаза?
Јулија: Времето за тоа е одамна дојдено. Планетата вреска, сè е на раб – екоцид, апатија, потрошувачка култура…
Купуваме пластични играчки за детски родендени кои траат една минута, а потоа одат директно во корпа за отпадоци, а потоа 5.000 години во земја, на полиците во супермаркетите има храна која има исти состојки како имплантите во женските гради, кравите на фармите голтаат хормони наместо трева, израелската армија е во Газа, Путин во Украина, Кети Пери во вселената, што е следно?
Следната фаза мора да биде радикално поетична: кога има војна – цртај цветови, пеј песни. Натерај ги луѓето да се смеат или да се надеваат на нешто подобро, да се променат, но промената се случува во нашите умови, јас го нарекувам квантен ум, постојат милијарди и милијарди начини да се смениме, само ако сакаме и ако знаеме како и на кој пат сакаме да одиме, можеме да тргнете по патот на екоцид, геноцид, како што веке веле сили и го прават тоа низ светот, се случува целосно уништување и апатија, а можеме и да го избереме и другиот пат, ”сончевата страна од улицата“ и да правиме микро, здрави промени, со здраво срце и чист ум, на дневна основа. Ајде да се освестиме, ама денес, не утре, или завчера! Секоја промена почнува денес. Како што вели Џејн Гудал: „Секој ден имаш влијание врз светот. Прашањето е – какво влијание сакаш да имаш?“

Трн: Денес многу се зборува за зависноста на уметноста од институциите и пазарот. Колку финансиските услови ја ограничуваат слободата?
Јулија: Уметничкиот пазар диктира се, протокот на капиталот, протокот на профитот. Не е проблем ако уметничкото дело заврши како стока, туку ако почне како стока! Бидејќи секако сè што создаваме завршува како стока, трговија е дел од системот во кој живееме, само прашање е како започнувате уметничко дело, со каква намера… финансиските услови можат да ви одземат и да ви дадат слобода, тоа е парадоксално! Ми се случило многу пати кога имам ограничени ресурси да размислувам побрзо и да наоѓам решенија побрзо, тогаш некако стануваш поинвентивен, бидејќи нашиот ум работи според тој принцип, кога има некаков вид опасност или закана, природно наоѓа решенија, така што многу од моите дела се создадени поради финансиски пречки, што парадоксално ми дало повеќе слобода отколку што ми одзело…
Трн: Имаше перформанс „Концерт за празни столчиња“ во Даут-пашиниот амам. Каква беше таа идеја?
Јулија: Ме интересираше што значи публика. Многу сум размислувала на темава и сватив дека покрај луѓе што ја сметам за „жива“ публика, сватив дека постои и „нежива“ публика – столчиња, прозорци, тенџериња, тоа е исто публика, само нема уста да збори и да ти каже ” браво, генијално” како луѓево кога го кажуваат тоа, со тие изјави само ти прават проблем, тоа те заробува во замките на егото, и во моментот кога ќе поверуваш во тоа што другити го кажале дека си или не си, тука е крај на творештвото. Кога одржав концерт за празни столчиња, немаше аплауз, егото не беше нахрането од ниту една столица. Си заминав дома мирна. Тој мир ми се допадна повеќе од секој аплауз.
Трн: Имаш ли омилен перформанс?
Јулија: Немам. Перформансот постои само во моментот кога се изведува. Не може да се колекционира или продаде. Кога ќе се документира – исчезнува. Токму затоа ме фасцинира: тоа е алхемиски процес што постои низ исчезнување.

Трн: Што би сакала да почувствува македонската публика на твојата следна изложба?
Јулија: Би сакала директен доток на убавина во мозокот – еден соничен дијазепам, без рецепт и без пари.
Трн: Во 2023 настапи во МСУ со перформансот „Дијалог“. Повторно ќе настапиш таму оваа есен. Што можеш да ни откриеш?
Јулија: „Дијалог“ го започнав како разговор со институциите – буквално, стоев со глава потпрена на ѕидот на Министерството за култура. Движењето на телото во перформансот е редуцирано, не постои никакво движење, а поттикнува дискурс на неколку нивоа. Веднаш се поставува прашањето дијалог ли е, монолог ли е, молитва ли е, што е? А помеѓу овие референци се отвора простор што и го збогатува искуството на публиката која што тоа го перципира, и отвара простор да почнете да размислувате за темата. Овој перформанс е сведен на елементарен минимум и е создадена во духот на минимализмот, што како резултат ви дава сè друго освен минималистички впечаток. Тоа беше молчење што зборува. Перформансот „Дијалог“ ви дава само наговестување, бидејќи се она она што е повеќе од навестување е веке илустрација, нарација, а тоа не е моја рабоота, да илустрирам, туку да пттикнувам.
Во Ноември доаѓам пак во МСУ, со еден перформанс, односно со една сонична ситуација, ама не смеам уште да октривам детали.
Трн: Како гледаш на односот меѓу уметноста и Министерството за култура?
Јулија: Најголемата опасност е што министерствата се зависни од идеологиите на владите што владеат било да е левица или десница. Јас би измислила нова идеологија – прабица (хаха). Министерството за култура треба да стане независно од идеологијата на која било влада, бидејќи идеологијата е рамка, а уметноста станува нефункционална кога е во рамка, и тоа е најголемата опасност. Културата треба да биде автохтона.
Трн: Како новите технологии и вештачката интелигенција влијаат врз уметноста?
Јулија:Сигурна сум во едно: вештачката интелигенција никогаш нема да може да ја замени човечката глупост. А да ли секој може да биде уметник? Па, уметник, тоа е всушност човек во највозвишената смисла на зборот, ако не станеш човек денес, кога? Можеби можеш да се обидеш утре, единствениот проблем е што ако утре не постои.
Трн: Што е следно за тебе?
Јулија: Сега сум во резиденција во Casa Degli Artisti во Милано и подготвувам нова звучна инсталација наречена WALL. Ѕид кој во себе има инсталирани ”bone speakers” каде што кога го допираш ѕидот со челото, звукот ти се пренесува преку чеоната коска, не преку ушите што отвара сосема нова димензија на чулна перцепција и искуството. Планот е да биде поставен на аеродромот во Бергамо. Потоа ме чека Берлин, соработка со Саша Валц, а потоа Индија.