Германија претрпе неуспех во изборот за нестално место во Советот за безбедност на ОН, при што ја загуби трката од Португалија и Австрија. Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, оцени дека резултатот е „горчлив пораз“ и посочи дека неколку фактори можеби влијаеле врз исходот.
Според него, меѓу можните причини се силната поддршка на Берлин за Украина во војната против Русија, како и јасниот став на Германија кон конфликтот на Блискиот Исток и односот кон Израел. Вадефул тврди дека Русија активно лобирала против германската кандидатура, иако Москва не даде коментар на овие обвинувања.
Германија освои 104 гласа, додека Португалија доби 134, а Австрија 131, со што тие обезбедија места во Советот. Заедно со нив беа избрани и Киргистан, Тринидад и Тобаго и Зимбабве. Неуспехот се смета за политички удар и за канцеларот Фридрих Мерц, кој е под зголемен домашен и меѓународен притисок. Тој им честиташе на победничките земји и порача дека Германија ќе продолжи да биде активен поддржувач на мултилатералниот меѓународен поредок.