Јудит Полгар му кажа „не“ на Маѓар: Шаховската легенда одби да стане претседателка на Унгарија

Најдобрата шахистка во историјата ја одби понудата на унгарскиот премиер Петер Маѓар, велејќи дека нема сила да ја преземе историската одговорност за обединување на длабоко поделена нација.
epa12885597 President of the opposition Tisza Party Peter Magyar holds a press conference during the party's election night watch event after the closing of the polling stations for the general election in Budapest, Hungary, 12 April 2026. EPA/Tibor Illyes HUNGARY OUT

Политичките планови на унгарскиот премиер Петер Маѓар претрпеа неочекуван удар, откако шаховската велемајсторка Јудит Полгар ја одби понудата да стане претседателка на Унгарија. Само еден ден откако Маѓар јавно објави дека сака Полгар да биде кандидат за шеф на државата, таа преку објава на Фејсбук соопшти дека нема да ја прифати кандидатурата.

„Ова е најголемата чест во мојот живот, но не најдов сила да ја преземам историската одговорност за обединување на поделена нација“, напиша Полгар.

Маѓар претходно најави дека лично ќе разговара со 49-годишната шаховска легенда, а владејачката партија ТИСА едногласно ја поддржа идејата таа да стане нов претседател. Со оглед на двотретинското мнозинство што ТИСА го има во парламентот, нејзиниот избор речиси сигурно ќе беше потврден.

Одбивањето сега ја остава владата во потрага по нов кандидат за претседателската функција, која остана празна по оставката на Тамаш Шуљок.

Иако функцијата претседател во Унгарија е претежно церемонијална, шефот на државата има важни уставни овластувања – може да го одложи стапувањето во сила на законите или да ги испрати на оценување пред Уставниот суд.

Кој е Јудит Полгар?

Јудит Полгар важи за најсилната шахистка во историјата. Родена е во 1976 година во Будимпешта и уште на 15 години стана најмладиот велемајстор во светот, соборувајќи го тогашниот рекорд на Боби Фишер.

Наместо да настапува само на женски турнири, таа избра да се натпреварува со најдобрите шахисти во светот. Во кариерата ги победи имиња како Гари Каспаров, Анатолиј Карпов, Вишванатан Ананд, Борис Спаски и Магнус Карлсен, а достигна и до осмото место на светската ранг-листа, највисок пласман што некогаш го остварила жена.

По повлекувањето од професионалниот шах во 2014 година, Полгар се посвети на образованието, разви сопствен метод за учење преку шах и основа фондација за промоција на играта меѓу децата.

Нејзината непартиска позиција и високиот углед беа причините поради кои Маѓар ја претстави како личност што би можела да биде симбол на национално единство. Сепак, со одбивањето на кандидатурата, унгарскиот премиер ќе мора да бара ново решение за претседателската функција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс