Орце Ѓорѓиевски откри револуционерен модел за управување со јавниот превоз: автобусите не доаѓаат, возниот ред има декоративна функција, граѓаните чекаат и по еден час, а ЈСП штеди гориво.
Градоначалникот на Скопје се пофали дека претпријатието во првите шест месеци од 2026 година заштедило половина милион евра за гориво, иако во сообраќај биле вклучени 50 возила повеќе во споредба со истиот период лани.
Звучи импресивно сè додека човек не застане на автобуска постојка.
Поскапо гориво, повеќе возила, помал трошок
На почетокот од 2026 година литар еуродизел чинеше околу 65 денари. Во април достигна 98 денари, а на крајот од јуни се продаваше за 80 денари. Денес повторно чини 98 денари. ЈСП, според Ѓорѓиевски, во период на драматично поскапување на горивото вклучило уште 50 автобуси и истовремено потрошило половина милион евра помалку.
Тука не мириса дизелот туку веселата математика на градоначалникот.
Педесетте возила не се нови и поекономични автобуси. Станува збор за поправени стари возила вратени во сообраќај. Во целиот возен парк има околу 30 автобуси на метан, а и тие не се нови, возат веќе 6, 7 години. Метанот, патем, исто така е гориво и чини пари.
Со повеќе активни автобуси и со поскапо гориво, вкупниот трошок може да се намали ако автобусите поминуваат помалку километри, реализираат помалку поаѓања или ако претходно имало сериозни злоупотреби. За последната можност градоначалникот треба да објави ревизија, докази и одговорност. Засега не го прави тоа туку објавува само погодна бројка која на прв поглед, кај помалку упатените и повеќе наивните може да го претстави како вистински домаќин на градот.

Возен ред за украс
Сликата на терен изгледа поинаку од статусите на Орце.
Граѓани сведочат дека автобуси нема и по 50 или 60 минути. Линиите не го почитуваат објавениот распоред, а времето означено за тргнување од почетната станица не значи дека автобусот навистина ќе тргне.
„Џабе е распоредот што го даваат. Тоа не значи дека автобусот ќе тргне. Не можеш ништо да планираш“, ни вели една корисничка на ЈСП, опишувајќи ја состојбата со автобусите. Според неа, патниците ја отвораат апликацијата и гледаат кои автобуси навистина се движат. Сè друго е лотарија.
Истото го гледам и лично како корисник на ЈСП. Осмицата понекогаш изгледа како линија што се појавува на секои три дена. Фаќањето автобус стана прашање на среќа, слободно време и издржливост на жештина.
Нека ги објави километражата и поаѓањата
Ако Ѓорѓиевски сака неговата приказна за заштедата да биде сфатена сериозно, треба да ги објави основните податоци:
Колку километри поминале автобусите во првите шест месеци од 2025 и 2026 година? Колку поаѓања биле предвидени, а колку навистина реализирани? Колку литри дизел и колку метан биле потрошени? Колкав бил трошокот по изминат километар и по превезен патник?
Без овие бројки, половина милион евра не се доказ за успешно управување. Тие се рекламна порака.
ЈСП може лесно да заштеди уште повеќе. Доволно е да укине уште неколку поаѓања, да остави уште повеќе автобуси во гаража и да им препорача на скопјани да одат пеш. Тоа на следната прес-конференција потоа може да биде прогласено за историски успех.
Орце ги брои заштедените евра. Скопјани ги бројат минутите поминати на автобуските постојки. Неговата „заштеда“ ја плаќаат граѓаните со своето време и нерви.