Тоа што Александар Вучиќ поставил „суперлојалисти“ на раководните позиции во полицијата не значи дека полициските службеници на сите нивоа ќе бидат подготвени со насилство да ја бранат неговата власт доколку таа не биде добиена на избори. Ова го оценува Миодраг Јовановиќ, професор на Правниот факултет во Белград, во изјава за Трн за политичката криза во Србија, заштитата на изборната волја и улогата на студентското движење.
Според него, клучното прашање е дали институциите ќе ги употребат законските овластувања за да ја заштитат волјата на граѓаните.
„Правните и институционалните механизми секако постојат, но дали ќе бидат соодветно ставени во употреба, тоа е друго прашање“, вели Јовановиќ.
Првиот предизвик е полицијата да постапува според законот
Јовановиќ го издвојува постапувањето на органите што располагаат со сила, пред сè полицијата, како прв предизвик во евентуалниот изборен расплет.
„Иако Вучиќ постави суперлојалисти на раководните места, тоа сè уште не значит дека полицијата ’по длабочина’ ќе биде подготвена со насилство да ја брани неговата власт, ако не ја добил на избори“, посочува професорот.
Неговата оценка остава отворено едно од најважните прашања: како би постапувала полицијата доколку зачувувањето на власта дојде во судир со изборната волја на граѓаните.

Правосудството е поотпорно отколку пред неколку години
Вториот предизвик, според Јовановиќ, се судовите што би постапувале во изборните спорови.
Тој смета дека и во правосудството се направени кадровски подготовки, посочувајќи го назначувањето нов вршител на должност претседател на Управниот суд. Во одговорот упатува и на реакцијата на Центарот за правосудни истражувања (ЦЕПРИС) за промените на челото на овој суд.
Сепак, неговата оценка е дека правосудството денес има поголем капацитет да се спротивстави на притисоците.
„Правосудството денес е значително пожилаво и поотпорно отколку пред неколку години. Затоа е тешко да се предвиди во кои сè правци можат да тргнат работите“, вели Јовановиќ.
Тој забележува и дека во очекувањата за расплетот на кризата, можноста за мирна смена на власта речиси се исклучува.

Студентите веќе направија историска промена
За улогата на студентското движење, Јовановиќ издвојува долгорочна придобивка што, според него, веќе е постигната: политичкото активирање на една претходно апатична генерација.
„Младите веќе направија историска промена со ангажирањето на една политички апатична генерација придонесоа Србија, долгорочно гледано, да добие поколение граѓани со повисока политичка култура и поголема ангажираност“, оценува тој.
Но неговите очекувања од студентското движење не завршуваат со промената на политичката култура. Јовановиќ се надева дека таа ангажираност ќе донесе и непосреден политички резултат.
„Се надевам дека, покрај таа долгорочна придобивка, ќе има и краткорочна, односно дека студентското движење на крајот ќе успее да демонтира еден изразито автократски режим на власт“, вели професорот за Трн.