Скопскиот џез фестивал годинава ќе започне со „Bravery of the Brave“ – „Храброста на храбрите“, проект на еден од најзначајните словенечки импровизатори Златко Каучич. Но зад насловот не стои само музички концепт.
„Bravery of the Brave“ е општествено и политички мотивирана свита посветена на луѓето кои, и покрај пречките, наоѓаат сила да се спротивстават, да истраат и да се борат за доброто на заедницата. И самиот фестивал во официјалната програма ја опишува како „политичка музика“ – не само поради ставовите и разликите што ги изразува, туку и поради идејата за музиката како заедничка и партиципативна практика.
Проектот првпат бил изведен и делумно снимен во октомври 2021 година на италијанскиот фестивал Jazz & Wine of Peace, во време на силна политичка, општествена и пандемиска криза.
Три години подоцна добил и многу поконкретен политички контекст. Во 2024 година, по почетокот на војната во Газа, проектот бил обновен под насловот „Bravery of the Brave: Free Palestine“, по што концертите продолжиле и во следните години.
Во Скопје, сепак, настапот е најавен под оригиналниот наслов „Bravery of the Brave“.
Каучич – повеќе од шест децении музика
Златко Каучич зад себе има повеќе од 60 албумски изданија и долга кариера во европската импровизирана и авангардна музика. Настапувал со музичари како Стив Лејси, Еван Паркер, Петер Броцман, Пол Блеј, Кени Вилер, Бери Гај и Аугусти Фернандез.
Во Kombo BC, пак, Каучич не е само музичар. Тој е автор, уметнички директор и диригент на голем состав во кој свират негови поранешни студенти и италијански музичари. Токму со нив на 15 октомври во 20 часот во Националната опера и балет ќе започне 45. издание на Скопскиот џез фестивал.
Истата вечер ќе настапат и Leonhard Skorupa New Quispel Octet, а полноќната програма ќе ја донесе средбата на Пасквале Мира и Хамид Дрејк.
Четириесет и петтото издание на Скопскиот џез фестивал ќе трае од 15 до 18 октомври.
