Националниот џез оркестар добива нов современ дом: Инвестиција од над 7,3 милиони денари за културната сцена

Министерството за култура најави уредување на новиот простор за Националниот џез оркестар во Скопје, со инвестиција од над 7,3 милиони денари и современи услови за работа и проби.

Националниот џез оркестар ќе добие современ и функционален простор што треба да обезбеди подобри услови за работа на музичарите и за развој на домашната џез сцена. Информацијата ја соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој при посетата на новиот објект истакна дека се работи за значајна инвестиција во македонската музика и култура.

За реализација на проектот, Министерството обезбедило над 7,3 милиони денари, средства наменети за завршна обработка на подови, акустично уредување, внатрешна столарија и санитарна опрема. Рокот за изведба е 90 дена, а работите ги изведува компанијата ПМГ Констракшн.

Љутков посочи дека проектот претставува продолжение на претходните инвестиции во просторот, при што уште во 2023 година бил изработен основен проект од „Мегарон инженеринг“, а потоа започнала првата фаза од реконструкцијата со поддршка од Владата и партнерски институции. Во првата фаза биле изведени значајни градежни интервенции, вклучувајќи уривање на стари делови, поставување нови инсталации, хидроизолација и целосна инфраструктурна подготовка на просторот.

„Најважно е што денес веќе не зборуваме за идеја, туку за реален, видлив напредок. Просторот добива нов лик и услови какви што заслужува Џез оркестарот“, изјави министерот.

Новиот објект ќе опфаќа околу 500 квадратни метри и ќе вклучува современа сала за вежбање поврзана со тонско студио, гардероби, канцеларии и други придружни простории. Националниот џез оркестар, основан во 2023 година, претставува една од поновите национални културни институции и произлегува од долгогодишната работа на Здружението на џезмузичари и слободни уметници (ЗЏМ), кое претходно функционираше како биг-бенд и настапуваше во земјата и странство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс