Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека ниту еден наставник нема да биде отпуштен од работа во процесот на оптимизација на училишната мрежа, иако, како што истакна, во последните седум години бројот на ученици е намален за 17 илјади.
„Свесна сум дека има реакции за оптимизацијата, но да повторам – никој нема да биде отпуштен од работа“, рече Јаневска на прес-конференција во Владата, на која презентираше отчет за двегодишната работа на Министерството за образование и наука.
Таа посочи дека оптимизацијата на училишната мрежа и едносменското работење се меѓу најважните тековни процеси во образованието. Според неа, едносменска настава веќе е воведена во над 200 училишта.
Јаневска рече дека пред две години, кога ја презела функцијата, затекнала сериозни проблеми во образовниот систем, но дека, како што наведе, сега фокусот е ставен на квалитетот на образованието и науката.
Учебници на 1 септември и поголема поддршка за учениците
Министерката најави дека трета година по ред сите ученици ќе ги добијат учебниците на 1 септември, вклучително и учебниците по странски јазици.
Таа информираше дека е зголемена и поддршката за учениците со посебни образовни потреби. Во основното образование се ангажирани 1.350 образовни асистенти, а за првпат 150 асистенти се вклучени и во средното образование.
Јаневска посочи и дека е овозможено образование во хибриден формат за ученици кои подолг период се на болничко или домашно лекување, а зајакната е и поддршката за образованието на помалите заедници.
Повеќе стипендии и новини во високото образование
Во делот на студентскиот стандард, Јаневска рече дека се прифатени повеќе барања на студентите, меѓу кои проширување на опфатот на субвенционираниот студентски оброк, олеснување на условите за добивање стипендии и воведување нови категории стипендии за студенти со ретки болести и посебни образовни потреби.
Таа најави и дека со новиот Закон за високо образование се предвидува најдобрите студенти во секоја генерација, добитниците на инженерски прстен и други државни признанија да имаат предност при вработување во јавните високообразовни и научни установи.
Инвестиции, плати и дигитализација
Според Јаневска, во образовната инфраструктура се инвестирани околу 70 милиони евра за повеќе од 90 проекти. Таа ги издвои изградбата на нови училишни објекти и спортски сали, реконструкцијата на студентските домови, деблокираната изградба на новиот објект за ФИНКИ и постапката за изградба на објект за Факултетот за физичка култура, спорт и здравје.
Министерката информираше дека во 160 училишта е инсталирана нова ИТ-опрема и обезбеден е безбеден пристап до интернет, додека над 1.000 наставници се обучени за примена на вештачка интелигенција во наставата.
Таа додаде дека платите во образованието во првите две години од мандатот се зголемени за над 20 проценти, а со спогодбата со СОНК е обезбедено нивно континуирано зголемување во следните четири години.