Единаесет австралиски државјани кои се обидувале да достават хуманитарна помош во Газа, како дел од меѓународната флота „Сумуд“, биле приведени од израелските сили во меѓународни води. Австралиската влада соопшти дека „итно бара“ потврда за нивната состојба и безбедност.
Меѓу приведените, кои побараа заштита од австралиските власти, има академици, лекари, студенти, активисти и документаристи, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Пресретнување во меѓународни води
Организацијата „Глобална флота Сумуд“ во понеделникот соопшти дека Израелски одбранбени сили пресретнале и опколиле 38 бродови кои пловеле кон Газа. Флотата, која минатата недела испловила од Турција, броела 54 пловила, а на пресретнатите бродови имало 319 активисти од десетици држави.
Според организаторите, бродовите се наоѓале на околу 250 наутички милји од брегот на Газа, во меѓународни води, кога им се приближиле израелски воени глисери. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа качување на израелски војници на пловилата.
Министерство за надворешни работи на Израел на мрежата Икс објави дека активистите од, како што ја нарекоа, „провокативната флота“ биле префрлени на израелски бродови. Министерството тврди дека на бродовите „не е пронајдена никаква помош“, што организаторите го негираат.
Меѓу приведените има лекари, студенти и активисти
Меѓу единаесетте приведени Австралијци се Ани Мокотов, д-р Бјанка Пулман-Веб, Нив О’Конор, Вајолет Коко, Џема О’Тул, Сем Ворипа Вотсон, Зак Скофилд, Хелен О’Саливан, Џулиет Ламонт, Исла Ламонт и Сурја Мекјуан. Ова е втор сличен инцидент за краток период. Пред две недели, израелските сили пресретнаа 22 бродови кај брегот на Грција и привеле шест австралиски државјани, кои подоцна биле ослободени.
Еден од тогаш приведените, Итан Флојд, изјави дека обидот за достава на храна, вода и лекови за „изгладнетото население“ не е радикален чин.
„Ова е вторпат Израел незаконски да киднапира австралиски државјани во меѓународни води, а нашата влада не кажа ниту збор“, изјави Флојд.
Реакција на Австралија и меѓународен притисок
Портпарол на Министерство за надворешни работи и трговија на Австралија потврди дека властите „итно бараат“ информации за состојбата на приведените.
„Ќе продолжиме јасно да нагласуваме дека очекуваме со сите притворени лица да се постапува хумано и во согласност со меѓународните норми“, соопштија од министерството.
Австралиските власти повторно ги повикаа своите граѓани да не учествуваат во обиди за пробивање на израелската поморска блокада на Газа, предупредувајќи дека тоа носи ризик од повреди, смрт, апсење или депортација. Во меѓувреме, Италија, Индонезија и Шпанија вршат дипломатски притисок врз Израел за ослободување на активистите.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес го повикал израелскиот отправник на работи во Мадрид поради, како што рекол, „ново кршење на меѓународното право“.
Апели од семејствата
Во видео снимено за време на пресретнувањето, документаристката Џулиет Ламонт порача:
„Сега почнува. Се наоѓаме во меѓународни води и нашите влади целосно нè изневерија. Направете сè што можете за да нè заштитите.“
Бред Хомвуд, сопруг на активистката Вајолет Коко, изјави дека Австралија треба „да го следи примерот на шпанскиот премиер и јавно да ги осуди овие очигледни пиратски акти“.
Според информации од француската амбасада, патниците најверојатно ќе бидат префрлени во затворот Ашдод во Израел, но ова сè уште не е официјално потврдено. Загриженост изрази и претседателката на Ирска, Кетрин Коноли, чија сестра Маргарет Коноли исто така била дел од флотата и, според достапните информации, е меѓу приведените.