Во Косово денеска се одржуваат нови вонредни парламентарни избори, во услови на продолжена политичка криза и институционален застој кој трае повеќе од една година. Земјата се соочува со сериозна политичка нестабилност по неуспешните избори во февруари 2025 година, кога не беше обезбедено јасно парламентарно мнозинство. Тоа доведе до долготрајни преговори, блокади и повторени изборни процеси.
Иако движењето „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти се појави како најсилна политичка сила, сепак не успеа да формира стабилна влада без поддршка од малцински партии и коалициски партнери.
Политичката криза дополнително се продлабочи по неуспехот да се избере нов претседател во парламентот, што доведе до распуштање на институциите и распишување на нови избори.
Граѓаните изразуваат фрустрација поради повторените изборни циклуси. Дел од нив сметаат дека новото гласање нема суштински да ја промени политичката состојба, туку само ќе го продолжи постојниот застој.
Поранешната претседателка Вјоса Османи изјави дека е неопходен политички договор меѓу партиите за да се стави крај на блокадата и да се формираат стабилни институции.
Политички аналитичари предупредуваат дека без компромис меѓу главните партии, Косово ризикува да остане во циклус на повторени избори и институционална парализа, со негативни последици врз политичката и економската стабилност на земјата.