Временските услови во државата драстично ќе се променат во текот на денешниот ден, носејќи бран на нестабилност кој ќе ја прекине претежно сончевата и топла претпладневна атмосфера. Според официјалното предупредување од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во попладневните часови и во текот на претстојната ноќ се очекуваат локални временски непогоди.
На повеќе места низ земјата ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, силни грмежи и засилен ветер, а во одредени подрачја процесите ќе бидат поинтензивни и манифестирани со пообилни врнежи и појава на град.
Овој влажен и нестабилен бран нема да ја заобиколи ниту Скопската Котлина каде што, по претежно сончевиот ден со мала до умерена облачност, во вечерните часови и ноќта во делови од котлината се очекуваат поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Метеоролозите упатија апел до сите граѓани да бидат максимално внимателни, особено во подрачјата каде што се очекува развој на невреме, редовно да ги следат најновите временски информации и навреме да преземат соодветни мерки за заштита на својот имот и лична безбедност во случај на краткотрајни временски непогоди.