Италијанските власти ја казнија компанијата Мета со 805 милиони евра поради користење фотографии и видеозаписи од телефоните со оперативен систем Андроид без соодветна согласност од корисниците, соопшти Агенцијата за заштита на личните податоци. Казната се однесува на функцијата „Предлози од галеријата при прелистување на Фејсбук“, преку која на корисниците им се предлагаат фотографии и видеа зачувани во галеријата на нивниот телефон, со можност да ги додадат во своите објави.
Според соопштението на регулаторот, функцијата го прекршува италијанскиот закон со кој се спроведува Директивата на Европската Унија за приватност во електронските комуникации. Како што пренесува „Политико“, станува збор за највисоката казна што италијанскиот регулатор досега ја изрекол.
Истрагата покажала дека пристапот до галеријата на телефонот се барал преку една единствена дозвола за целата апликација, иако таа опфаќа повеќе функции со различни потреби. Пред да побара одобрение, апликацијата прикажувала општо предупредување, од кое корисниците не можеле јасно да разберат дека со прифаќањето дозволуваат предлагање фотографии и видеа од својата галерија.
„Ако се одобри во целост, овој вид дозвола ѝ овозможува на апликацијата пристап до целата архива со фотографии на уредот, без корисникот или надлежните органи да можат да проверат кои податоци навистина се користат“, се наведува во соопштението. Италијанскиот регулатор го отфрлил и приговорот на Мета дека нема надлежност да постапува во случајот, како и тврдењето дека за тоа е надлежен ирскиот регулатор. Образложението е дека прописите за приватност во електронските комуникации не предвидуваат механизам на единствена контактна точка.
Мета има рок од 60 дена да обезбеди посебна и изречна согласност од корисниците за оваа функција, јасно да објасни како таа функционира и да ги информира корисниците како можат да ја исклучат.Американската компанија има право да поднесе жалба против одлуката.
